Нови мерки против газдата на „Пулс“: со поткуп си обезбедил лиценца за работата на дискотеката

Макфакс

01/10/2026

21:39

580

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство покрена истражна постапка против лице кое со поткуп си обезбедило лиценца за работа на дискотека, а поради опасност од бегство е побарана мерка притвор.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Давање поткуп од член 358 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да изврши службено дејство што не смеел да го изврши, односно да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање за лиценца и во услови кога знаел дека неговиот објект не исполнувал законски услови.

Поради опасност од бегство на осомничениот за ова кривично дело за кое е предвидена казна затвор од 1 до 10 години, како и фактот дека против него се води уште една кривична постапка за Тешки дела против општата сигурност, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.


Имено, осомничениот до сега беше обезбеден како обвинет во друга постапка. Но, со оглед на тоа што во однос на тоа дело истекуваат законските рокови за обезбедување, а јавниот обвинител од ОЈОГОКК продолжува да прибира докази во однос на дејствијата на поткуп, тој процени дека ризиците за обезбедување на осомничениот се големи и побара да му биде определена притворска мерка.

Јавното обвинителство оценува дека притворот е апсолутно неопходна мерка за обезбедување на присуството на овој осомничен, ценејќи ги сите околности и основи.
Службеното лице кое го примило поткупот веќе е обвинето и против него се води судска постапка за дејствија на примање поткуп.