Клековски во Кичево: Новата болница е цел, но не чекаме — кичевската болница напредува уште сега

Макфакс

02/10/2026

11:41

136

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Сашо Клековски ја посети Општата болница во Кичево и истакна дека новата болница е долгорочна цел, но моментално се инвестира во модернизирање на постојната болница со нова опрема и кадар, со цел пациенти да добиваат квалитетна здравствена услуга во својот град.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска ја посети Општа болница – Кичево, каде заедно со директорката д-р Маја Цветаноска Трајковска и градоначалникот Александар Јовановски одржа прес-конференција за новата болница и за намената на постојниот објект.

Овој настан е дел од работната посета на здравствените установи во југозападниот регион, која ги опфати и Специјалната болница за нефрологија и Општата болница во Струга.

„Новата болница е наша цел и активно работиме на реализација на овој проект. Но, граѓаните на Кичево и околината не можат да чекаат додека таа се изгради. Затоа, не чекаме — болницата ја зајакнуваме уште сега, со нова опрема, нови услуги и нов кадар“, изјави министерот Клековски.

Министерот ги истакна најзначајните новини во 2025 година, кои за првпат се воведуваат во болницата:
• имунолошки апарат за анализа на тумор-маркери, хормони, Д-димери, срцеви маркери (тропонин) и алерголошки панели;
• гасен анализатор за брза процена на итни и тешки пациенти;
• нов анестезиолошки апарат со капнограф и ново LED операционо светло, а во тек е набавка на видеоларингоскоп и автоклав;
• нов гастроскоп за подобра дијагностика;
• 4 специјализанти и 4 доктори по општа медицина трајно вработени, а за уште 5 специјализанти постапката е во завршна фаза.

„Опрема без кадар не значи ништо, а кадар без опрема не може да работи. Во Кичево ги градиме двете истовремено — за пациентот да добие дијагноза и лекување тука, во својот град, без да патува до Скопје“, истакна Клековски.

Директорката на болницата, Цветаноска Трајковска ја истакна важноста на новата опрема – во радиологијата болницата доби нов дигитален рендгенски апарат, нов дигитален мамограф и ехо-апарат 3D/4D со еластографија, донација од Општина Кичево.

Во РТГ кабинетот во 2025 година се реализирани околу 19.500 прегледи: рендгенски, компјутеризирана томографија, мамографии и ехо-прегледи на дојка.

„Имунолошкиот апарат Siemens ImmuLite 2000 System ни овозможува анализи кои претходно не можевме да ги правиме во установата, а биохемиската лабораторија годишно опслужува 28.000–30.000 пациенти. Гасниот анализатор EDAN е од особено значење за брза проценка на метаболичкиот и респираторниот статус, особено кај итни и тешки пациенти. Анестезиолошкиот апарат Dräger Fabius plus XL со капнограф овозможува подетално следење на пациентот за време на интервенцијата, а во оперативниот блок годинава се извршени над 200 хируршки интервенции. Новиот гастроскоп ја подобрува дијагностичката проценка, а со него се направени околу 100 прегледи“, потенцираше директорката.

Градоначалникот на општина Кичево, Александар Јовановски истакна дека кичевчани заслужуваат нова болница и Општината ќе продолжи да дава поддршка за нејзина реализација.

„Веќе покажавме дека даваме поддршка за болницата, со најновата донација на ехо-апарат 3D/4D со еластографија, кој денес им служи на пациентите во Кичево. Сè што е во наша можност, ќе го направиме за граѓаните да добиваат квалитетна здравствена заштита во својот град“, истакна градоначалникот Јовановски, потенцирајќи ја одличната соработка со Министерството за здравство.