Сеск Фабрегас имаше шанса да соработува со голем број врвни тренери кои освоија неверојатни работи во своите кариери, но кога се чинеше дека популарниот Фабре го достигна зенитот, судбината го спои со Антонио Конте.
Шпанецот навистина се докажува како извонреден новопечен тренер кој успева да спроведе на дело различни стилови на игра, па иако на стартот на кариерата соработуваше со луѓе како Арсен Венгер, Висенте Дел Боске, Жозе Мурињо и Пеп Гвардиола, сепак вели дека доста научил од Антонио Конте кога веќе имаше освоено речиси се во кариерата.
– Првпат забележав дека фудбалот се менува кога го запознав Конте во Челси. Веќе имав 29 години и многу успеси зад себе, но, на пример, Арсен Венгер во Арсенал не посветуваше многу внимание на тактиката, иако важеше за еден од најдобрите во светот. Истото важеше и за Дел Боске во Шпанија.
– Со Конте го видов фудбалот од поинаква перспектива, тој беше фокусиран на деталите. Тоа беше изненадувачки и на почетокот ми сметаше, бидејќи не можев да сфатам зошто некој мора да ми кажува каде да ја додавам топката. Дотогаш, никој претходно не го правел тоа и не го бараше тоа од мене.
– По десет дена тренинзи, бекот ми ја додаде топката, јас веднаш му ја препратив на Диего Кошта и тој постигна гол. Мислев дека сум постапил добро, но по крајот на натпреварот, Конте викаше дека работите требало да се направат поинаку. Тој ме натера да сфатам дека фудбалот еволуира и се менува, – објаснува Фабрегас.








