ЕУ бара одговори од Русија за сомнежите за појава на чума, Москва тврди дека нема опасност

Макфакс

08/10/2026

17:20

159

Големина на фонт

а а а

Европската комисија го засили притисокот врз Русија да обезбеди детални информации за сомнителната појава на чума во Сибир. Со тоа, Брисел се приклучи кон барањата за транспарентност што претходно ги упатија Соединетите Американски Држави и Светската здравствена организација (СЗО). Москва го отфрла притисокот и инсистира дека не постои опасност од епидемија, пишува „Euronews“.

„Дозволете ми да повторам, по третпат оваа недела: Русија мора што поскоро да објави информации за чумата“, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за здравство, Ева Хрнчирова. „Немаме доволно податоци за да ја процениме епидемиолошката состојба и ризиците за другите земји, како и за да одлучиме за неопходните мерки, доколку се потребни“, додаде таа.

Нејзините изјави уследија еден ден откако Комисијата свика состанок на Комитетот на ЕУ за здравствена безбедност, на кој присуствуваа претставници од 27 земји-членки, Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) и СЗО. Состанокот заврши без конкретни одлуки бидејќи од Русија не пристигнаа веродостојни податоци. Од Комисијата изјавија дека се подготвени повторно да го свикаат Комитетот во краток рок доколку се појават нови информации или ако ситуацијата се влоши.

„Потребни ни се информации од Русија. Ова е поврзано со членството на Русија во европскиот огранок на СЗО: тие мора да споделуваат навремени и точни податоци за експертите да можат да ја проценат ситуацијата, бидејќи таа може да има прекугранични последици“, рече Хрнчирова.

Во центарот на случајот е вработена во истражувачки институт во Иркутск, во југоисточен Сибир, која почина на 2 октомври под неразјаснети околности. Нејзината смрт првично беше припишана на „пневмонија со непозната етиологија“, што привлече меѓународно внимание.

Рускиот санитарен инспекторат „Роспотребнадзор“ тврди дека лабораториската работничка била вакцинирана и имуна на опасните инфекции со кои работела. Тие исто така наведуваат дека речиси 5.000 лабораториски тестови не откриле опасни патогени. Повеќе од 90 отсто од луѓето кои биле во контакт со неа повеќе не се под медицински надзор.

Светската здравствена организација побара детали за да се разјасни смртта на вработената, да се идентификува патогенот што довел до карантинот и да се истражат наводите за втор случај, кои Москва ги нарекува лажни.

САД исто така ја повикаа Русија да обезбеди точни и навремени информации. Претседателот Доналд Трамп објави дека договорил телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во врска со сомнителната појава на болеста.

„Официјално побаравме дополнителни информации од руската влада. Исто така, во официјална комуникација сме со други земји за размена на податоци“, изјави портпарол на Стејт департментот на САД.

Пневмоничната чума се јавува кога бактериите што ја предизвикуваат чумата ќе ги инфицираат белите дробови. Тоа е најтешката форма на болеста и може да се пренесува од човек на човек. Без лекување, стапката на смртност се движи од 30 до 100 отсто.