Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет најави дека егзекуцијата со стрелачки вод на поранешниот мајор Нидал Хасан, осуден за убиството на 13 невооружени војници, ќе се пренесува во живо, што ќе претставува прва таква јавна воена егзекуција во САД по речиси еден век.
Егзекуцијата на поранешниот мајор од американската армија, Нидал Хасан, осуден за убиство на 13 невооружени војници во Форт Худ во 2009 година, ќе се пренесува во живо, изјави американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет. Претставник на Министерството за одбрана потврди дека Хасан ќе биде погубен од стрелачки вод. Ова ќе биде прва јавна егзекуција во САД по речиси еден век.
„Ќе овозможиме луѓето да ја гледаат, таа да биде јавна“, рече Хегсет. „Луѓето треба да разберат дека ваквите дела носат сериозни последици.“
Во интервју за конзервативниот канал „Real America’s Voice“, тој изјави дека Хасан ќе се соочи со стрелачки вод составен од војници, додавајќи: „Токму така и треба да биде“.
На прашањето дали Хасан имал некакви последни желби или поднел жалба до претседателот Доналд Трамп, Хегсет одговори: „Не ми е грижа. Се гледаме на 3 декември“.
Хегсет подоцна во објава на платформата X потврди дека првата американска воена егзекуција по речиси 100 години ќе може да се следи во живо онлајн.
Егзекуцијата е закажана за 3 декември во Форт Худ, Тексас – датум потврден од секретарот на американската армија. Пентагон претходно оваа недела објави дека ќе ја изврши егзекуцијата на Хасан. Тоа ќе биде прва воена егзекуција по повеќе од 60 години и прва со стрелачки вод по крајот на Втората светска војна.
Џон Милс, адвокат кој ги застапува осудениците на смрт, вели дека одлуката за пренос на настанот во живо е без преседан во модерната ера и почива на правно нестабилни темели. Милс истакнува дека жалбената постапка на Хасан сè уште не е завршена. Тој смета дека Хасан веројатно ќе побара преиспитување на пресудата пред федерален суд, што би можело да го одложи извршувањето на смртната казна.
Поради тоа, тој би бил изненаден доколку извршувањето на казната навистина се случи. „Обидот за пренос во живо и користењето стрелачки вод е само обид да се привлече вниманието на администрацијата на Трамп. Малку е веројатно дека тоа ќе се случи, а уште помалку веројатно е дека ќе донесе каква било правда“, додаде Милс.
Јуџин Р. Фидел, гостин-предавач на Правниот факултет при Универзитетот Јејл, за Би-би-си изјави дека станува збор за „навистина несреќна одлука“.
„Преносот на извршувањето на смртна казна во живо ѝ припаѓа на ерата на средниот век. Како општество, ние сме го надминале тоа – или барем така мислев до денес“, рече Фидел. Тој додаде дека, во случај на судска постапка, процесот би можел да се одолговлекува со години и да трае многу подолго од мандатот на Трамп во Белата куќа.
„Иако некои сојузни држави бараат одредено ниво на јавен надзор при извршувањето на смртните казни – како што е присуството на новинари или сведоци избрани од осуденикот – никогаш немало пренос во живо“, вели Дебора Дено, професорка по право на Универзитетот Фордам. Таа смета дека преносот во живо би вовел ниво на транспарентност без преседан во САД.
















