Додека се сменувале светски војни, владетели, држави и цели генерации луѓе, една џиновска желка продолжила да го живее својот бавен и мирен живот.
Џонатан, за кого се верува дека има дури 194 години, е најстарото познато живо копнено животно во светот. Сега научниците првпат детално го истражиле неговиот генетски материјал и откриле нешто што еден ден би можело да им помогне на луѓето да живеат подолго и поздраво, пренесува „Nova.rs“.
Џонатан припаѓа на видот џиновски желки од Алдабра, чие природно живеалиште е на Сејшелите. Поголемиот дел од животот го поминал на оддалечениот остров Света Елена, британска прекуморска територија во јужниот Атлантик, каде што и денес живее во дворот на резиденцијата на гувернерот.
Неговата точна возраст не е позната. Меѓутоа, фотографија од 1882 година покажува дека Џонатан уште тогаш бил целосно пораснат. Бидејќи на џиновските желки им се потребни околу 50 години за да ја достигнат таа големина, експертите проценуваат дека се извел околу 1832 година.
Тоа значи дека Џонатан живеел во времето на кралицата Викторија и Чарлс Дарвин, а денес се приближува до неверојатниот 200-ти роденден.
Иако џиновските желки можат да живеат подолго од еден век, Џонатан е исклучок дури и меѓу овие долговечни животни.

Што откриле научниците во неговата ДНК?
Меѓународен тим истражувачи ги анализирал геномот и епигеномот на Џонатан, односно генетскиот материјал и хемиските механизми што ја регулираат активноста на гените. Резултатите од студијата биле објавени на 7 октомври 2026 година во угледното научно списание „Science Advances“.
Научниците идентификувале 287 генетски варијанти кои би можеле да бидат поврзани со неговата исклучителна долговечност.
Меѓу нив се варијанти на гени вклучени во поправката на оштетената ДНК, намалувањето на воспалителните процеси и регулирањето на инсулинот. Станува збор за биолошки механизми кои имаат важна улога во стареењето на организмот, но и во заштитата од болести, вклучувајќи одредени видови рак.
Сепак, најинтересното откритие не се однесувало само на гените, туку на начинот на кој тие функционираат.
Како што старее организмот, хемиските механизми што ја регулираат активноста на гените стануваат помалку прецизни. Тоа може да доведе до нарушувања во работата на клетките и постепено слабеење на нивните функции.
Кај Џонатан истражувачите забележале нешто необично. Одредени делови од неговиот епигеном, особено оние поврзани со производството на клеточна енергија, задржале карактеристики какви што се забележуваат кај многу помлади животни.
Кога ги споредиле резултатите со примероци од помлади желкиод истиот вид, откриле дека одредени механизми за регулација на гените кај Џонатан наликуваат на оние кај значително помлади единки.

Тоа е особено важно кога станува збор за митохондриите, ситни структури во клетките кои ја произведуваат енергијата неопходна за живот.
Со стареењето нивната функција често слабее, што може да придонесе за развој на различни болести.
Кај Џонатан, меѓутоа, обрасците на регулација на гените поврзани со митохондриите останале изненадувачки добро зачувани.
Џастин Герлах, биолог од Универзитетот во Кембриџ и еден од авторите на истражувањето, објаснил за „CNN“ дека Џонатан поседува генетски карактеристики кои веројатно му овозможуваат поефикасна поправка на ДНК и контрола на воспалителните процеси.
Истражувачите претпоставуваат дека токму способноста на неговите клетки подолго да одржуваат правилно функционирање би можела да биде една од причините за исклучителниот животен век.

Може ли Џонатан да им помогне на луѓето да живеат подолго?
Откритието е особено интересно бидејќи бројни процеси одговорни за стареењето кај желките се одвиваат и во човечкиот организам.
Научниците се надеваат дека со проучување на долговечните животни би можеле да откријат како да го забават пропаѓањето на клетките, да ја зачуваат функцијата на митохондриите и да го намалат ризикот од болести поврзани со стареењето.
Стивен Кларк, еден од водечките автори на студијата и основач на американската фондација „Kallel“, рекол дека неговиот тим сака да ја истражи можноста за примена на постојни лекови кои би можеле да го подобрат функционирањето на митохондриите кај луѓето.
Целта не е само продолжување на животниот век, туку и продолжување на периодот во кој човекот останува здрав и физички способен.
Меѓутоа, експертите предупредуваат дека патот до такви терапии сè уште е долг.
Истражувањето опфатило само една исклучително стара желка, а научниците сè уште не знаат дали откриените генетски особини се карактеристични за целиот вид или Џонатан е посебен случај.

Постојат и одредени технички ограничувања. Поради неговата возраст, истражувачите не сакале да ризикуваат со земање крв, па генетскиот материјал го собрале со брис од внатрешноста на устата. Таквите примероци не овозможиле целосно прецизна анализа на целиот геном.
Затоа ќе бидат потребни дополнителни истражувања на поголем број долговечни животни за да се утврди колку се сигурни овие резултати.
Џонатан, инаку, не е целосно поштеден од последиците на стареењето. Поради катаракта го изгубил видот, но и покрај тоа, и натаму е активен и под постојана грижа на своите негуватели.
Неговата приказна покажува дека исклучителната долговечност не значи нужно отсуство на здравствени проблеми.
Сепак, научниците сметаат дека оваа необична желка претставува драгоцена можност подобро да ги разбереме биолошките граници на животот.
Ако успеат да откријат зошто неговите клетки успешно функционираат речиси два века, можеби еден ден ќе најдат начин и човечкиот организам подолго да остане здрав.
Засега, Џонатан продолжува да живее на Света Елена, несвесен дека неговиот речиси двовековен живот би можел да понуди важни одговори на едно од најстарите прашања на човештвото – како да се забави стареењето?














