Среде рамнините на Внатрешна Монголија, на северот на Кина, никнуваат блокови од огромни дата центри, нови и оние што се во изградба, опкружени со полиња со сончоглед и сирак, пишува Си-Ен-Ен во репортажата од градот Уланкаб.
Во овој град, кој има помалку од два милиони жители, планирана е изградба на речиси 90 дата центри. Брзината на изградбата најдобро се гледа на примерот на индустриската зона Бајин, чиј најголем дел бил изграден за само две години.
На овој начин Кина се обидува да ги стигне Соединетите Американски Држави во трката за вештачка интелигенција. Според истражувањето на Универзитетот Стенфорд, на кое се повикува Си-Ен-Ен, САД минатата година имале приближно десет пати повеќе дата центри за вештачка интелигенција од Кина, а според други процени, и значително поголема компјутерска моќ.

Сепак, предноста на Кина е во енергијата. Додека дата центрите, кои трошат огромни количества електрична енергија, ја оптоваруваат застарената американска електроенергетска мрежа која со децении не е значително проширена, Кина во периодот од 2022 до 2025 година додала енергетски капацитети еквивалентни на капацитетите на сите индустриски извори на енергија во САД на крајот од 2025 година.
„Кина се обидува да го искористи фактот дека го има тоа „мускулно паметење“ за брза изградба на енергетска инфраструктура“, изјави Кајл Чан од Институтот Брукингс.
Уланкаб е дел од еден од десетте национални кластери на дата центри во Кина, а речиси половина од тамошната мрежа се снабдува со енергија од ветерот и сонцето. На неколку километри од индустриската зона се наоѓа кампусот „Galaxy“ на компанијата „Envision“.

Ветерните турбини, оддалечени околу 160 километри, директно го снабдуваат со електрична енергија, батериите ја складираат енергијата од ветерот, а напредниот трансформатор брзо ја приспособува количината на електрична енергија според потребите на серверите, објасни генералниот директор на објектот, Рики Џенг.
Водата, која во Америка е една од главните причини за отпорот кон дата центрите, според зборовите на Џенг, овде не претставува проблем. Тој додаде и дека првата фаза од објектот, кој вкупно треба да има капацитет од 2 GW, веќе е целосно закупена, како и дека се градат дополнителни фази, и за услуги поврзани со вештачката интелигенција и за „cloud“ услуги.
Од друга страна, во САД локалните заедници сè почесто се противат на новите проекти. Противењето се јавува поради трошоците за електрична енергија, потрошувачката на вода, бучавата и заземањето земјиште. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека Кина не би можела да биде посреќна поради движењето против дата центрите.














