Откако синџирот стоковни куќи „Галерија“ (Galeria) на почетокот на октомври по четврти пат во последните шест години прогласи стечај, во продавниците ширум Германија се забележани досега невидени сцени. Полиците со производи на некои познати брендови се оградени со ленти на кои пишува: „Овој бренд привремено не е на продажба“.
Меѓу производите чија продажба е блокирана се популарните играчки на брендот „Плејмобил“ (Playmobil) и обувките на познатиот италијански производител „Геокс“ (Geox).
Причината за блокадата лежи во примената на таканареченото право на издвојување (Aussonderungsrecht). Станува збор за законски механизам во германската стечајна постапка што им овозможува на добавувачите да ја задржат сопственоста над стоката сè додека таа не биде целосно платена.

Доколку „Галерија“ продолжи да ги продава овие производи на касите, парите од продажбата би се слевале во заедничката стечајна маса, а производителите би останале без своите побарувања. Привремениот стечаен управник Франк Кебекус потврдил дека неколку клучни производители го искористиле ова законско право за да го заштитат својот имот.
Додека во продажните оддели владее неизвесност, вработените добиле барем краткорочно олеснување. Сојузната агенција за вработување (Bundesagentur für Arbeit) ја потврдила исплатата на надоместок за стечај (Insolvenzgeld) за 9.650 работници.
Трошоците за плати изнесуваат речиси 25 милиони евра месечно, а средствата за нивно покривање ги обезбедува една комерцијална банка. Надоместокот за стечај ги покрива приходите за период до три месеци, со што стечајната управа добива драгоцено време за преговори со потенцијалните инвеститори.

„Галерија“ моментално управува со 83 стоковни куќи и вработува околу 11.250 луѓе, но економските аналитичари предупредуваат дека е невозможно да опстане целата мрежа.
Најмалку 30 локации се во непосредна опасност од трајно затворање.
За десетина објекти договорите за закуп истекуваат уште во јануари.
Дополнителни 24 продажни центри бележат хронично слаб промет и со години имаат итна потреба од модернизација.
Како потенцијални спасители се споменуваат конзорциум од самите добавувачи, меѓу кои, наводно, се производителот на чорапи „Фалке“ (Falke) и модниот бренд „Рој Робсон“ (Roy Robson). Сепак, веќе сега е извесно дека синџирот ќе мора драстично да се намали за да избегне целосно згаснување.