„Ер-би-ен-би“ ги менува правилата: Сопствениците повеќе нема да смеат да го бараат ова од гостите

Точка

22/10/2026

18:21

734

Големина на фонт

а а а

„Ер-би-ен-би“ (Airbnb) ги промени своите правила со цел да ограничи што смеат да бараат сопствениците на сместувачките капацитети од гостите, вклучително и обврските поврзани со чистењето на сместувањето.

Според ажурираните насоки, домаќините сега можат да утврдат седум стандардни куќни правила, а дозволено им е да додадат и други „разумни“ барања, пишува „Би-би-си“.

Од „Ер-би-ен-би“ наведуваат дека од гостите кои се обврзани да платат надомест за чистење не треба да се бара да извршуваат работи што вообичаено ги вршат лицата задолжени за чистење, вклучително и миење садови и вадење на постелнината од креветите.


Новите правила ќе важат за сите резервации направени од 20 ноември па натаму преку оваа платформа за изнајмување сместувачки капацитети.

„Куќните правила им помагаат на гостите да разберат што очекуваат домаќините од нив, но од нашата заедница добивме повратни информации дека овие правила можат да бидат збунувачки, оптоварувачки и тешки за спроведување“, изјавиле од „Ер-би-ен-би“ за „Би-би-си“.

„Затоа ги редизајниравме за да бидат полесно достапни и појасно дефинирани, со нова политика што гарантира дека барањата ќе бидат разумни и без непријатни изненадувања“, додале.

Што повеќе нема да смеат да бараат домаќините од гостите?

Според новите правила објавени на веб-страницата на „Ер-би-ен-би“, на домаќините во принцип не им е дозволено да бараат од гостите да извршуваат задачи што „бараат значителен труд или време или кои вообичаено би ги извршувало лице задолжено за чистење, вклучително и вадење на постелнината, изнесување на ѓубрето надвор од објектот, како и миење и редење на садовите“.

Компанијата соопшти дека во одредени околности може да дозволи исклучоци. На пример, од гостите може да се бара да го ограничат времетраењето на туширањето доколку во одредено подрачје, поради суша, важат ограничувања за потрошувачката на вода.


Во иднина, куќните правила ќе бидат повидливо истакнати во информациите што им се прикажуваат на гостите, а ќе се појавуваат и во потсетниците за резервацијата.

Склучувањето дополнителни договори ќе биде дозволено само во ограничени околности, вклучително и во случаи кога тоа го бара законот или правилата на здруженијата на сопственици на недвижности.

Иако домаќините нема да можат да изрекуваат парични казни, тие и понатаму ќе имаат контрола врз своите куќни правила и барања, соопшти компанијата.

Доколку некое барање на домаќинот не е во согласност со правилата на „Ер-би-ен-би“системот ќе го означи како спорно, а сопственикот ќе има право на жалба доколку не се согласува со таквата одлука.

Гостите со години се жалат на барањата за чистење

Гостите веќе со години се жалат на неразумните задачи што мораат да ги извршат пред да го напуштат сместувањето, особено имајќи предвид дека истовремено мораат да плаќаат и надомест за чистење.

Видеоснимките на изнајмувачите на сместување преку „Ер-би-ен-би“, Кеси и Џон, во кои детално го проверуваат својот имот за изнајмување во американската сојузна држава Џорџија по заминувањето на гостите, неодамна станаа вирални поради нивната претерана педантност.


Во една од снимките, на пример, парот ги обвинува гостите за „непочитување на куќните правила“ бидејќи го оставиле далечинскиот управувач од телевизорот на погрешно место.

Поради строгите правила и високите стандарди, тие се најдоа на мета на критики, но одговорија дека нивната содржина била погрешно протолкувана.

Нивните снимки поттикнале и други креатори на содржини на социјалните мрежи да снимаат пародии во кои ги исмејуваат претерано строгите сопственици на сместувачки капацитети.