Ѓорѓиевски најави продолжување на еко-акција за чистење во Скопје

Макфакс

27/10/2026

19:10

267

Големина на фонт

а а а

Продолжува најголемата еко-акција досега, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според најавеното, акцијата ќе се одржи во среда, со почеток во 10 часот, а чистењето ќе се организира на повеќе од 50 локации низ скопските општини. Ќе се чистат паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу станбените згради.

„Да оставиме пример, не ѓубре – продолжува најголемата еко-акција досега!
Силата на Скопје е во неговите луѓе.
Во оние што ќе излезат од својот дом за да го направат поубав и заедничкиот.
Во рацете што чистат, во свеста што се буди, во решителноста да оставиме нешто добро зад себе!
Во среда, во 10:00 часот, продолжуваме со најголемата еко-акција досега!
Илјадници волонтери, во сите скопски општини, повторно ќе се обединат за почист, поубав и поздрав град“.

На повеќе од 50 локации, додава скопскиот градоначалник ќе се чистат паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу зградите.

„Ќе бидеме таму каде што секојдневно се одвива животот, каде што се среќаваме со соседите, каде што ги носиме децата на прошетка, каде што сакаме да седнеме и да уживаме во своето маало.
Со нас ќе бидат општините и градоначалниците, учениците, волонтерите и сограѓаните од сите генерации и професии.
Секој придонес е важен.
Секој пар вредни раце значи уште едно почисто катче во нашиот град.
„Затоа, ве повикувам, да ја претвориме желбата за поубаво Скопје во заедничка работа што ќе се гледа во секое маало.
За точните локации и начинот на приклучување, информирајте се во вашата општина.
Ќе продолжиме со истата енергија и упорност, сѐ додека грижата за заедничкиот простор не стане навика што секојдневно ја живееме.
Како институции, имаме обврска да обезбедиме ред и редовно одржување на чистотата.
Како граѓани, сите имаме одговорност да го чуваме својот град“.

Според Ѓорѓиевски, секој што несовесно фрла отпад и создава депонии мора да понесе одговорност за своите постапки.

„Нечија неодговорност не смее да го поништува трудот на илјадници луѓе!
Верувам во Скопје, затоа што верувам во скопјани и во силата да се обединиме.
Таа сила веќе ја покажавме.
Утре повторно ќе ја претвориме во дела!
Се гледаме во 10:00 часот.
Со засукани ракави и со срце за Скопје!
Зад нас нека останат чисти маала и пример што ќе го следат генерации.
Да оставиме пример, не ѓубре“, порачува Ѓорѓиевски.