Љубовниот живот на рускиот милијардер никогаш не бил непознат за јавноста, сè додека пред неколку години, од оправдани причини, не исчезна од јавната сцена. Роман Абрамович зад себе има три брака и седум деца. По разводот од Даша Жукова, го поврзуваа со младата актерка Александра Корендијук, а сега за првпат е виден во друштво на украинската манекенка Наталија Гоциј, со што ги потврди шпекулациите кои кружат уште од 2023 година.
Романсата повеќе не е тајна. Таа „етикета“ лично ја отстрани Роман Абрамович (60), откако деновиве беше снимен на Меѓународниот уметнички фестивал во Баку со убавицата со која одамна го поврзуваат – украинската манекенка и поранешен ангел на „Victoria’s Secret“ – Наталија Гоциј (41).
Разликата во годините очигледно не им пречи, но, како што забележаа многумина, рускиот бизнисмен – кој се искачи во елитното друштво на најбогатите луѓе во светот како гувернер на Чукотската област – не избрал некоја драстично помлада девојка, туку зрела, остварена жена со завидна кариера.

Фотографиите ги објавија медиумите од Азербејџан, каде што милијардерот присуствувал на настаните во рамките на меѓународната манифестација. На „доказниот материјал“ јасно се гледа и Наталија. Интересно е што Абрамович не го пропуштил овој фестивал ниту минатата година, но тогаш во Баку пристигнал без својата поубава половина.
А таа е добро познато име во светот на модата. Светот првпат слушна за неа во 2004 година, кога победи на натпреварот „Ford Supermodel of the World“. Веќе следната година нејзиното лице се појави на страниците на најпопуларните модни списанија, како што се „Vogue“, „Marie Claire“ и „Elle“, а набргу почна да работи за најпрестижните модни куќи, како што се „Gucci“, „Dolce & Gabbana“, „Valentino“... Секако, најпозната е по соработката со брендот „Victoria's Secret“, која започнала пред две децении.
Во еден период, по ревијата на „Guy Laroche“, нејзината изразена слабост предизвика жестока полемика за нереалните стандарди во светот на убавината и притисоците на кои се изложени манекенките. И самата подоцна зборувала за тешкиот период и борбата со нарушувањата во исхраната, вклучувајќи ја и булимијата. Денес е активна на социјалните мрежи, каде што со своите следбеници споделува детали од секојдневниот живот, совети за нега, козметика и здрави навики. Зад себе има брак со бизнисменот Руслан Нижник и два сина, Спартак и Тамерлан.
Од друга страна, Роман Абрамович може да се пофали со побурна љубовна биографија. Негова прва сопруга била Олга Лисова, потоа се оженил со Ирина Маландин, со која има пет деца, додека во бракот со Дарија, односно Даша Жукова, добил две деца.
Сепак, во последно време се повлече од јавноста поради санкциите против Русија и сè што следуваше со нив, па и приватниот дел од неговиот живот остана далеку од очите на јавноста. Не е ни чудо што неговото прво појавување со Наталија предизвика толку големо внимание. Иако ниту тој ниту манекенката никогаш не зборувале за природата на нивниот однос, фотографиите од Баку секако „долеаја масло на огнот“, а можеби и ги потврдија приказните што траат веќе три години.















