Лидерот на Движењето на социјалистите (ПС), Александар Вулин, потврди дека бил на летот на „Ер Србија“ на релација Белград – Москва, кој синоќа бил вратен во српската престолнина.
Како што рекол за телевизијата „Информер“, во Москва не патувал туристички, туку службено.
„Таму одам за да се борам за продолжување на нашиот гасен аранжман“, изјавил Вулин и додал:
„Спиев во авионот, се будам и ми велат дека сме во Белград. Гледам дека се собрале полиција, специјалци… Слегов заедно со сите други патници, повторно ја поминав истата процедура како и останатите патници, потоа уште еднаш самостојно поминав низ проверките и сега чекам повторно да се качам во авионот. Кај мене апсолутно не е пронајдено ништо нелегално, бидејќи немало ниту што да се пронајде“, изјавил Вулин.

„Се надевам дека наскоро ќе полетам, доколку не најдат начин да ме спречат да одам во Москва, а тоа законски не можат да го направат. Неколкупати ги поминав проверките на аеродромот“, додал тој.
„Ер Србија“: „Од надлежните служби добивме информација поради која беа потребни дополнителни безбедносни проверки“
„Ер Србија“ синоќа соопшти дека авионот кој сообраќал на редовната линија ЈУ134 на релација Белград – Москва се враќа во Белград, откако компанијата од надлежните аеродромски служби добила информација поради која било неопходно спроведување дополнителни безбедносни проверки во врска со еден од патниците.
Како што се наведува во соопштението, во согласност со добиените инструкции и сите важечки безбедносни прописи, била донесена одлука авионот да се врати во Белград, со цел целосно да бидат спроведени сите неопходни процедури.

Контролата на патниците и багажот е во надлежност на аеродромскиот безбедносен систем и соодветните служби.
Откако „Ер Србија“ дополнително добила информација поради која биле потребни дополнителни безбедносни проверки на аеродромот, компанијата постапила во согласност со инструкциите на надлежните органи и сите важечки процедури.
„Екипажот на „Ер Србија“ постапуваше целосно во согласност со утврдените процедури и највисоките безбедносни стандарди“, се наведува во соопштението.












