Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, повика на итна прогласање на 30-дневна кризна состојба поради неконтролираното движење на добиток низ градот, кое предизвикува штети и загрозува безбедноста на граѓаните. Тој бара од Владата да обезбеди соодветни ресурси и координирана интервенција за трајно решавање на проблемот.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на прес-конференција побара Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на општината и да ги обезбеди потребните ресурси за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток.
Барањето произлегува од заклучоците на Општинскиот кризен штаб и оцената дека надлежните институции немаат доволно капацитети самостојно да се справат со проблем од ваков обем.
На прес-конференцијата присуствуваа граѓани, меѓу кои и лица што претрпеле штети од добитокот.
„Додека институциите ги објаснуваат своите ограничувања и надлежности, граѓаните ги бројат своите загуби и штети“, порача Митовски.
Според информациите изнесени на Кризниот штаб, повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ општината. Се уништуваат земјоделски насади, се оштетуваат приватни имоти и јавни површини и се загрозува безбедноста во сообраќајот. Добитокот секојдневно се движи и низ самиот центар на градот.
Митовски истакна дека се неопходни дополнителни стручни, логистички, оперативни и финансиски ресурси, специјализирани возила и соодветен простор за сместување на животните. Од Владата побара да обезбеди заедничка, координирана интервенција, со јасен оперативен план, активности по денови, прецизни задолженија и точно утврдена одговорност.
Планот треба да опфати организирано заловување, безбеден транспорт и згрижување на добитокот, како и мерки што ќе спречат повторување на проблемот.
Тој посочи дека од јануари 2022 година до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство се доставени стотици пријави и иницијативи. Поднесена е и кривична пријава за мачење животни, а собрани се докази за материјални штети, повреди на граѓани и уништување јавни површини.
Според Митовски, правосилните и извршни решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, донесени уште во 2024 година, сè уште не се спроведени во целост. Досегашните делумни интервенции, истакна тој, не обезбедиле трајно решение.
Градоначалникот го отвори и прашањето за здравствената состојба и благосостојбата на животните. Побара одговори кој го следи добитокот за кој се донесени решенија за одземање, кога се извршени последните ветеринарни прегледи и дали се проценети здравствените и епидемиолошките ризици.
Митовски нагласи дека институциите мора да ги спроведуваат сопствените одлуки и дека ниту партиската припадност ниту приватните интереси смеат да бидат над законот и над правото на граѓаните на нормален и пристоен живот.
„Прогласете 30-дневна кризна состојба, мобилизирајте ги потребните ресурси и помогнете ѝ на Крива Паланка да стави крај на оваа долгогодишна голгота“, порача Митовски до Владата.
Тој истакна дека останува со граѓаните во барањето за итно постапување и заштита на нивните интереси, нагласувајќи дека трпението е на крај и дека Крива Паланка очекува конкретно решение, сега и веднаш.
















