Кендал Џенер осмислила нова рекламна кампања за својот бренд „текила 818“, а главната улога во неа ја има токму таа. Во рекламата, 31-годишната манекенка и претприемачка се појавува во издание што создава впечаток дека е речиси гола.
Додека шета низ раскошната градина на имотот „Фламинго Естеј“ во Лос Анџелес, кадрите во кои се гледаат нејзините разголени рамена и нозе оставаат впечаток кај гледачите дека не носи облека. Сепак, на крајот од рекламата се открива дека цело време носела бел фустан.
Додека наизменично се прикажуваат кадри од шише „текила 818“ и Кендал како го истура пијалакот врз мраз, гласот на нараторот ја објаснува идејата на кампањата.
„Некои работи не треба да се разубавуваат; подобри се кога се соголени, поблиску до својата природна состојба“, вели нараторот.
„Таква е и текилата 818 – без додадени ароми, без засладувачи, без ништо вештачко. Практично е ’гола‘. Што значи дека Кендал Џенер …“
Рекламата потоа открива дека Кендал сепак не е гола, туку носи бел мини фустан без прерамки. „Воопшто не сум гола“, вели манекенката, по што се слуша нејзиниот глас надвор од кадарот: „Текилата е таа што е гола“.
Кампањата наиде на претежно позитивни реакции, а објавата на Инстаграм собра повеќе од 700.000 лајкови за само неколку часа.

„Поради ова веднаш посакав 818 со мраз“, напишал еден корисник.
„Проклето добра кампања!“, коментирал друг, додека трет порачал: „Хаха, ГЕНИЈАЛНА креативна идеја“.
Кендал го лансирала брендот „818“ во февруари 2021 година, а за списанието „Ел“ објаснила како дошла до идејата за новата реклама. Таа ја опишала како забавен начин за претставување на карактеристиките на производот.
„Со оглед на пораката што сакаме да ја пренесеме, а тоа е дека во текилата нема адитиви и дека таа е едноставно ’гола‘, идејата веднаш ми се допадна. Ме привлече тој малку кичест елемент, бидејќи текилата технички е гола“, изјавила таа.
„Имавме и други идеи, но од некоја причина постојано се враќавме на оваа“, продолжила таа. „Мислам дека ова е забавен начин да се привлече вниманието на луѓето, но и да се раскаже приказната за самиот производ“, додала Џенер.
Таа истакнала дека уште од самиот почеток ѝ било важно да понуди квалитетен пијалак, но и да ужива во создавањето на брендот.
„Го започнав овој бизнис за да создадам врвен производ, но и да се забавувам во текот на процесот“, објаснила таа.
Признала и дека при осмислувањето на кампањата размислувала до каде сака да оди со провокативната содржина.
„Кај мене секогаш постои тенка граница меѓу она што е ’малку премногу‘ или ’премногу секси‘. Во вистински околности, забавно е да се оди во таа насока. Сепак, отсекогаш сакав брендот да биде сфатен сериозно и почувствував дека ова е забавен начин да се постигнат и двете работи“, изјавила таа.
Кендал открила дека првичната замисла била малку поинаква. Кампањата требало да содржи повеќе комични елементи, но заклучила дека комбинацијата од хумор и провокативни сцени би можела да го намали ефектот на рекламата.
„Проценив дека премногу комедија и премногу голотија можеби нема да функционираат“, изјавила таа.

„Сакав малку да го ублажам хуморот“, додала Кендал.
„Кога повторно размислував за сè, дојдов до идеја за побајковит, повоздушест и посвеж впечаток. Сакав кампањата повеќе да се темели на природата, наместо да биде исклучиво секси“, заклучила манекенката.