Светската метеоролошка организација предупредува дека феноменот Ел Нињо во 2027 година може да донесе екстремни горештини, ширење епидемии и влошување на квалитетот на воздухот, со што се зголемуваат ризиците за здравјето и безбедноста на храната.
Феноменот Ел Нињо може дополнително да ги зголеми здравствените ризици во 2027 година, предизвикувајќи повеќе заболувања поврзани со високите температури, ширење заразни болести и влошување на квалитетот на воздухот, предупреди генералната секретарка на Светската метеоролошка организација (СМО), Селесте Сауло.
На прес-конференција во рамки на климатската конференција КОП31 во Анталија, Сауло посочи дека натпросечните температури не претставуваат закана само поради директното изложување на екстремни горештини, туку можат да создадат услови и за ширење опасни заразни болести.
Меѓу ризиците ги посочи епидемиите на денга и маларија, чие ширење ќе зависи и од регионалните врнежи. Според неа, топлите и сушни периоди може да предизвикаат повеќе шумски пожари, а со тоа и сериозно влошување на квалитетот на воздухот.

Сауло најави дека СМО соработува со Светската здравствена организација за подобро информирање на јавноста за здравствените последици од временските услови и климатските промени.
Според извештајот на СМО за состојбата со климата во 2026 година, се очекува Ел Нињо до декември да достигне сила каква што досега не е забележана, а неговото влијание да продолжи и во почетокот на 2027 година.
Во извештајот се наведува дека просечната глобална температура во периодот од јануари до септември била за околу 1,47 Целзиусови степени повисока од прединдустриското ниво.
Ел Нињо обично има најголемо влијание врз глобалните температури во годината по неговото појавување, што значи дека неговите последици би можеле особено да се почувствуваат во 2027 година.
„Топлотните бранови, тропските циклони и поројните дождови се засилуваат побрзо отколку што можевме да предвидиме врз основа на досегашните историски податоци“, предупреди Сауло.

Екстремните временски услови ја загрозуваат и безбедноста на храната
Во извештајот на СМО се предупредува дека екстремните горештини, сушите и обилните врнежи можат дополнително да ја влошат несигурноста во снабдувањето со храна и да го променат ризикот од ширење заразни болести, меѓу кои колера, маларија и денга.
Прелиминарните процени наведени во извештајот покажуваат дека во Европа се регистрирани повеќе од 30.000 дополнителни смртни случаи поврзани со топлотни бранови, суши и шумски пожари.

Сауло ги посочи и подготовките во Јужна Америка за справување со можните последици од екстремните временски услови. Меѓу мерките е и однапред обезбедување привремени засолништа за населението во областите изложени на ризик од поплави.
Таа нагласи дека временските прогнози можат да им помогнат и на земјоделците навреме да ги приспособат своите активности и да ги намалат штетите од екстремните услови.
Извештајот бележи и напредок во воведувањето системи за рано предупредување. Бројот на земји што пријавиле системи за рано предупредување за повеќе видови природни опасности се зголемил од 56 во 2015 година на 136 во 2025 година.
















