Производството го претвориле во луксуз за богатите: Само 100 грама чинат дури 500 долари

Супермен

19/11/2026

10:16

266

Големина на фонт

а а а

Маслинките со векови се еден од најпрепознатливите производи на медитеранското земјоделство, но производителите од Турција пронајдоа начин да ја претворат оваа традиционална храна во вистински луксуз. Благодарение на необична идеја, маслинките од познатиот регион за одгледување маслинки Гемлик денес стигнуваат до купувачите на Блискиот Исток по цена од дури 5.000 долари за килограм, или приближно 4.300 евра.

Тајната на нивната висока цена е скриена во необична постапка - маслинките се прекриваат со јадливо злато, што го претвора секојдневниот прехранбен производ во луксузен предмет наменет за странскиот пазар.

Според турскиот „Хаберлер“, станува збор за трпезни маслинки кои се одгледуваат во областа Катирли, во округот Гемлик, недалеку од Бурса. Оваа област е позната по своите квалитетни маслинки, но нивниот пласман сега доби сосема нова димензија.


Само 100 грама чинат 500 долари

Левент Услуер, основач на дигиталната платформа за трговија со маслинки и маслиново масло, која собира околу 150 производствени компании, објасни дека луксузните маслинки се подготвуваат исклучиво по нарачка.

За разлика од вообичаените производи што се продаваат на домашниот пазар, овие маслинки се наменети исклучиво за извоз.

Купувачите доаѓаат од Дубаи, Катар и Саудиска Арабија, каде што производот се продава по цена од 500 долари за само 100 грама, што е приближно 430 евра.

„Ние користиме јадливо злато за покривање на маслинките, а потоа ги извезуваме во земјите од Блискиот Исток. Сто грама чинат 500 долари, односно 5.000 долари за килограм, што одговара на износ од околу 250.000 турски лири. На овој начин, ја зголемуваме вредноста на трпезните маслинки од Гемлик и ги извезуваме“, објаснил Услуер.

Според него, производството е организирано според побарувачката, па затоа маслинките покриени со злато не се произведуваат однапред за масовниот пазар.

„Нашето црно злато стигнало дури до Дубаи“

Невообичаениот успех на извозот ги израдува и локалните производители, за кои одгледувањето маслинки е важна економска активност.


Емин Бирџан, заменик-претседател на Земјоделската задруга за развој на селото Катирли, истакна дека е особено задоволен од фактот што маслинките од нивниот регион пронашле купувачи на далечните пазари.

Тој изјавил дека интересот на странските купувачи е потврда за квалитетот на локалното производство.

„Нашето црно злато е тука, во селската задруга Катирли. А, сега стигнало дури и до Дубаи. Многу сме среќни поради тоа“, изјавил Бирдјан.

За производителите од Гемлик, маслинките покриени со јадливо злато претставуваат нов начин традиционалниот земјоделски производ да добие повисока пазарна вредност.

И додека обичните маслинки се наоѓаат на трпезите низ целиот свет секој ден, нивната луксузна верзија покажува како необична идеја може да го промени начинот на кој добро познат прехранбен производ им се презентира на клиентите.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk