Мицкоски на иста маса со Стив Виткоф и Џаред Кушнер: Ова ќе биде тешка зима насекаде во Европа, тешка зима и за Македонија

Макфакс

19/11/2026

19:20

735

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски од Берлин истакна дека Македонија активно учествува во решавањето на глобалните безбедносни предизвици. На настанот што го организираше германскиот канцелар Фридрих Мерц, присуствуваа клучни фигури од САД, а Мицкоски предупреди за тешка зима во Европа и Македонија поради светските околности и тивката трета светска војна.

Македонија активно учествува во разговорите за глобалната безбедност и предизвиците во светот, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, по настан во организација на германскиот канцелар, Фридрих Мерц, што се одржа во Берлин.

На состанокот присуствувале и специјалните преговарачи во случајот со Украина на САД, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, а телефонски се вклучил и претседателот на САД, Доналд Трамп.

„Добро вечер од Берлин, штотуку заврши настанот којшто го организираше канцеларот Фридрих Мерц. На настанот се разговараше за глобалните предизвици, безбедносната состојба во светот. На самиот настан беа присутни претставниците и специјални преговарачи во случајот со Украина на САД, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Она кое е исто така важно е фактот дека на настанот се вклучи преку телефонска линија и претседателот Доналд Трамп којшто брифираше од неговата средба со рускиот претседател и кинескиот претседател“, рече Мицкоски.

Според него, добро е што Македонија е на масата и учествува во решавање на глобалните проблеми. Тој вели дека пред нас е тешка зима и за Европа и за Македонија и дека во светот се води тивка трета светска војна.

„Навистина постојат многу глобални предизвици во светот, но добро е што Македонија е на масата и заедно со останатите учествува во решавање на овие глобални предизвици. Ова ќе биде тешка зима, тешка зима насекаде во Европа, тешка зима и за Македонија. Но, она коешто е важно е дека ние работиме на тоа да граѓаните оваа зима ја поминат како што ги поминуваат сите зими во нормални услови без разлика на предизвиците во светот. Иако би рекол дека денес во светот се води тивка, трета светска војна, сепак ние успеваме да најдеме начин, да креираме стратегија со којашто ќе го олесниме стандардот на македонските граѓани“, рече Мицкоски.