Вистини и заблуди за обичаите поврзани со Бадник и Божиќ

Точка

07/01/2019

11:36

4.957

Големина на фонт

а а а

Во различни делови од земјава се прават различни обичаи за време на празниците Бадник и Божиќ, поразговаравме со отец Бобан Митевски кој од верски аспект ќе разреши многу ваши дилеми: дали паричката носи среќа или не, треба ли да се пали оган или не, која е вистинската коледарска песна?

Што означува коледарската песна и која е вистинската?

Коледарските песни го означуваат или поточно го објавуваат, го разгласуваат раѓањето на Спасителот на човекот и светот, Господ Исус Христос. Нивната содржина е исполнета со терминологија која извира од Евангелието и воопшто од преданието на Светата Црква. Па затоа вистинска е онаа коледарска песна која е во контекстот што го споменавме. Низ нашата традиција разни коледарски песни, кои се пееле по разни краишта на Македонија. Такви се „Вечниот Бог“, „Небо и земја“, потоа имаме забележана коледарска песна и во Зборникот на Миладиновци, која го носи насловот „Христосово рожање“, позната н нашите простори е и песната за тројцата мудреци итн. Секако, во редот на овие не можеме да ја сврстиме песната Коледе леде, која по својата тематика и содржина нема врска со Христовото раѓање.

Која е симболиката на дарување на коледарите и со што треба да се даруваат?

Симболиката е благодарност за трудот да го објавуваат радосниот настан со раѓањето на Бога во тело. Традицијата сведочи дека се даруваат разни плодови и на тој начин сето создание учествува во таа небоземна радост: луѓето, ангелите, сето создание. Коледарите како да се слика на ангелите кои на луѓето им го соопштија раѓањето на Младенецот Христос.

Палењето оган e пагански обичај или...

Во христијанската месна традиција тука кај нас постојат сведоштва за палење оган, но во рамките на храмовите, каде што народот прво бил на вечерна богослужба, па потоа сите заедно излегувале во дворот, па го продолжувале славењето на Бога со пеење на побожни песни. Палеле оган за да се згреат, зашто Бадник, односно Божик е секогаш во зимски период од годината. Некој огнот го поврзуваат како симболика на огнот околу кој седеле пастирите, чувајќи ги своите стада, а на кои ангели им го објавиле раѓањето на Спасителот на светот. Колку оваа симболика и да има смисла, не треба симболиката да стане средиште на нашето празнување – односно огнот да стане најважното нешто за Божик. Но денес имаме појава каде што палењето на огнот нема никаква врска со Божик, со Христос, со тематиката на празникот. Најголемиот дел од работите што се прават на тој чин потсетуваат на паганизам. Тогаш е пост, посен период, што значи воздржување и смиреност, а околу огновите имаме изобилство на храна, за жал некогаш и мрсна, алкохол, кој се користи во изобилство, несоодветна музика, во голема мера празно и недолично однесување и зборување итн.

Обичаи за време на вечерата за Бадник и што треба да има на трпезата? 

Трпезата со храна за Бадник не е средишниот настан во прославувањето на Бадник, туку е продолжеток на духовната трпеза – богослужението во Црквата. Богослужението е централниот настан, а домашната тршеза со храна е само продолжение. Според ова, целото семејство треба најпрво да биде на духовна трпеза и духовно да се нахрани со молитвата и заедничарењето со другите верни во Бога, а потоа да се поткрепи и телесно. На трпезата треба да го има тоа што го имаме во домот, согласно можностите. Да не биде разновидно и изобилно, зашто, потсетувам, постот сè уште трае. А постот е воздржување. Всушност, според црковното предание на овој ден, доколку не е сабота или недела, е дури и строг пост, зашто секогаш во очи на големите празници постиме најстрого... Сетете се како е на Велика сабота, пред Велигден. Но заради нашата традиција на заедничка семејна трпеза за Бадник, се допушта масло, но не и риба.

Вистина ли паричката носи среќа или можеби несреќа?

Лебот со паричка, според преданието на Црквата, се прави и прекршува на Василица, а не на Бадник. И има зошто. Затоа што на овој ден, на Василица, ден кој е посветен ан големото светило на Православието – свети Василиј Велики, вршиме спомен на чудото што се случило во негово време. Имено, еден ден, кога Јулијан Отстапникот, нечесен цар и гонител на Христијаните, сакаше да оди за Персија и да војува со Сасанидите, тој помина близу Кесарија. Тогаш св. Василиј, кој добро го познаваше, бидејќи беа соученици во Атина, излезе заедно со народот да го пречека и почести. Јулијан побара дарови, очекувајќи злато и скапоцености. Но, светиот немаше ништо друго, освен три леба од јачмен, кои му ги принесе на злобниот цар. Треба да се знае дека тој не принесе скапоцености, бидејќи не сакаше да даде нешто повредно, туку бидејќи мнозинството на жители во Кесарија беше навистина сиромашно. Кога го виде тоа, Јулијан им нареди на своите слуги да соберат трева од ливадата и да му ја дадат на епископот за возврат. Тогаш светиот праведно му одговори на Јулијан: „Ние, цару, откако ни побара, ти принесовме од нашата храна, па и ти, очигледно, ни возврати од тоа што и самиот го јадеш.“ Кога ги слушна овие зборови, Јулијан многу се налути и вети дека кога ќе извојува победа во Персија, ќе се врати во Кесарија, ќе го запали градот и ќе ги пороби неговите жители, а Василиј ќе го награди со иста мера. Поради тоа, св. Василиј побара од народот да го соберат сето злато што го имаат и да го зачуваат некаде, за да му го дадат на среброљубивиот Јулијан кога ќе се врати, па така, можеби, да го намалат неговиот гнев. Исто така, епископот им наложи на Христијаните да постат и да се молат, додека не се врати Јулијан. За време на богослужбата, светиот имаше небесно видение: Пресветата Мајка Божја, носена на ангелски престоли, нареди да го повикаат маченикот Меркуриј и го испрати со војска од ангели против Јулијан, непријателот на нејзиниот Син. Тогаш го виде и свети Меркуриј, вооружен и јавнат на коњ, како заедно со ангелските војски, тргна против безумниот цар и го уби со своето копје. Освестувајќи се од ова видение, св. Василиј, во придружба на неколку клирици, побрза во храмот на свети Меркуриј, кој сто години пред тоа имаше пострадано во Кападокија и видоа дека од храмот беа исчезнати неговите мошти и копјето, кои таму се чуваа. Подоцна дојдоа во градот вести дека Јулијан е убиен. Всушност, тоа што го виде великиот Василиј, беше токму тоа, што во истиот миг, навистина се случи на едно место недалеку од Кесарија. Така се спаси градот Кесарија. Но, тогаш свети Василиј се најде во многу тешка положба. Требаше да го подели златото, кое граѓаните го собраа за да се избават од гневот на Јулијан, но таа поделба да е праведна, односно, секој да си го добие своето. Се помоли светителот и Бог го просвети што да направи. Тој ги повика своите ѓакони и помошници и им рече да замесат лебови и во секој леб да стават по малку од златните предмети. Кога лебовите беа готови, епископот ги подели како благослов на сите жители на градот Кесарија. Во почетокот сите се зачудија, а потоа нивното изненадување стана уште поголемо: кога секое семејство го пресече лебот, во него најде злато, но не било кое, туку токму она што му го имаше дадено на својот епископ.

Едноставно, лебот со паричка на Василица е потсетување на ова чудо и славење на Бога поради истото. Обичајот за Бадник да се прекршува леб со паричка е увезен од традициите на соседни православни народи и така полека се одомаќинувал и кај нас. Кога логички ќе размислиме ќе видиме дека и овој обичај како пополека да се вади од контекстот на христијанството и се поедноставува до таа мерка што дури е несоодветен за разумноста токму поради ставањето акцент на паричката, која носи среќа итн. Етимологијата на зборот среќа е од зборот срешта, што значи среќата, задоволството, благоста и смислата е од средбата со другиот, како и со Бога.

Што треба да прави со неа оној што ќе ја добие? 

Леб со паричка треба да правиме на Василица. Тој што ќе ја добие паричката на Василица треба тоа да го смета како благослов од Бога, како повод да благодари за секое добро или, пак, да се размисли над себе за своите дела.


До кога се поздравува со Христос се роди?

Со овој поздрав христијаните се обраќаат еден кон друг од Божик, па сè до одданието на празникот, кое секогаш е на 13 јануари.

(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг