DJ Mats: Заработувам доволно пари за да не мора да барам од дома

Точка

19/02/2019

22:02

5.923

Големина на фонт

а а а

После напорна работна или колоквиумска недела, сите сакаме да се опуштиме и целосно да ѝ се предадеме на забавата, односно на диџејот или на некоја музичка група, зарем не?

Но, дали некогаш сте помислиле како е да бидете „од таа страна“, односно што значи да бидете диџеј, кои се предизвиците во оваа работа и зошто всушност луѓето мислат дека сè се базира на тоа „да се пушти некоја музика“? Иако нам можеби ни делува едноставна, лесна и забавна работа, Марјан Мац Петровски ни ги доловува сите случки со кои се соочува работејќи ја својата, од дете омилена професија.

Мац, колку време си диџеј, кои се твоите почетоци, како се пронајде во оваа работа?

Диџеј сум веќе 13 години. Моите почетоци беа во локални кафулиња, каде што нормално преку оставање добар впечаток на газдите, имав шанса да почнам да го правам она што го сакам - да пуштам музика. Ми се допаѓа начинот како може еден човек да направи нешто добро за поголема маса на луѓе, преку музика, песна и нормално, енергија.

Кој ти е најголем предизвик во работата, што е она со што најтешко се справуваш?

За жал сè повеќе се развива балканската музика овде кај нас и луѓево очекуваат најчесто да слушаат такво нешто. Најчесто знаат да дојдат и да ме прашаат кога ќе има и дали ќе има таков вид на музика и потоа зошто нема... Па така насред настап треба да објаснуваш дека оваа вечер нема да слушаат таква музика.


Дали доволно се заработува од оваа професија овде кај нас?

Искрено, да, се заработува, но секогаш треба уште и уште. Доволно е за да не мора да барам од дома, односно да имам свои пари во џеб.

Кој ти ги договара настапите и, покрај оние омилените, дали има локали во кои што не сакаш да настапуваш?

Сам стигнав дотука и сам си договарам настапи секогаш и секаде. Немам предрасуди за локалите за да бирам. Мислам дека без разлика каде се лоцирани, сите заслужуваат диџеј позади пултот, за луѓето да можат да се забавуваат.


Дали настапуваш и надвор од границите на нашата земја?

Да, настапувам надвор од Македонија, дефинитивно благодарение на најдобрата агенција за млади, „RAPSODY“. Секоја година правиме забави во Шпанија, во Љорет де Мар, поточно во дискотеката Тропикс, а оваа година и во Банско, Бугарија, клуб Флеш. Ова се всушност најдобрите и најубавите искуства во мојата работа. Луѓе од многу држави собрани на едно место, со иста цел - да се забавуваат.

Која ситуација најмногу те изнервирала пред настап?

Има ситуации во кои газдите или менаџерите на локалите објаснуваат како треба да се пушта музика. Тие треба да знаат кого го викаат да пушта музика, што треба да очекуваат од него и да му ја препуштат него таа задача. Сепак, ако мислат дека сами можат да си ја завршат работата, не треба да нè викаат нас диџеите, нели?


Дали слушаш македонска музика и ако да, што најчесто?

Покрај тоа што слушам, често знам и на настап да пуштам по некоја песна од Тамара, Тони Зен, Слаткар...

Што мислиш за изборот на овогодинешниот наш претставник на Евровизија, Тамара Тодевска?

Тамара е извонреден и моќен вокал на нашата естрада, така што знам дека секогаш е подготвена за предизвици и одлично си ја врши својата работа.

Каде се гледаш за пет години, која е твојата цел?

Никој не може да знае што го чека утре, а за пет години, да сме живи и здрави. Со добра кондиција, се гледам на уште подобри места надвор од границите на нашата земја.


Како го помина Денот на вљубените и што мислиш за овој „празник“?

Не треба да постои Ден на вљубените, треба да има константа и секојдневие кај луѓето, односно паровите. Навистина ми е жал за луѓето што му даваат големо значење на тој ден, и се радуваат на истиот... Тоа треба да биде секој ден. Да не се чека 8-ми Март за да се купи цвеќе, туку тоа да се прави во било кој ден од годината. На ручек или вечера исто така да се излегува рандом, а не само на Денот ва вљубените - иако тој ден кај нас е наметнат и не постои. А инаку, славев Св. Трифун, нашиот православен празник е тој. :)

Како го исполнуваш слободното време?

Слободното време најчесто го користам за да се видам со пријателите, со блиски луѓе, со семејството. Многу сакам да шетам, и сакам да посетам што е можно повеќе места во светот.


За крај, што би им порачал на нашите читатели?

На вашите читатели би им порачал да се чуваат, сакаат и да слушаат ДОБРА МУЗИКА!

Автор: Цеце Николова
Фотографија: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг