Владо Јаневски за една од неговите страсти

Точка

07/03/2019

17:16

6.092

Големина на фонт

а а а

Патувањата релаксираат, нé освежуваат, ни предизвикуваат насмевка на лицето, нé прават среќни. Во пресрет на концертот за кој и Владо и публиката се подготвени, опуштете се и отпатувајте со него на едно од неговите омилени места.

На една белина, не мавровска, но подеднакво го прави среќен. Ако ви застуди помислете на неговите хитови , ќе ве згреат. А за Точка открива која е неговата муза и во кого е заљубен. 

Можеби малкумина знаат дека сакате да скијате. Кога и каде научивте да скијате?

- Скијањето ми е страст која (за разлика од некои други) со текот на времето не ми поминува туку станува сé посилна. Првпат застанав на скии на 14 години на Водно, ама тоа беа некои дрвени и многу примитивни и можеби затоа и тој настан ми бил повеке мачење и траума отколку уживање. Дури после 35-тата година се обидов повторно, овој пат со модерна скијачка опрема и врвна гардероба и разликата беше неопислива: иако технички сéуште почетник, веднаш се вљубив во скијањето и решив да ми стане главна зимска рекреација. Самоук сум, ама се сметам за солиден техничар.

Со што би го споредиле чувството кога скијате?

- За мене скијањето е своеврсна медитација: светот надвор од патеките, хотелот и местото кај што сум едноставно престанува да постои и се чувствувам целосно нурнат во сегашноста и тоа што го правам во моментот. Без разлика дали е следниот свиок на патеката, чајот на некое бачило или паузите кога застанувам да му се насладувам на пејсажот облеан со зимското сонце.

Често ја посетувате Австрија како „рај за скијачите“, како би ја опишале вие?

- Порано одев и во Бугарија, понекогаш ќе украдам некој слободен ден да отидам до Маврово во “Бистра”, но секоја зима се трудам да најдам доволно слободно време да поврзам десетина дена во Австрија. Оваа година ради обврските во Загреб имав време да отпатувам само до Крањска Гора и ми се допадна, но Австрија и натаму останува мое омилено место. Тие го измислиле зимскиот туризам и затоа таму е сé совршено: уредувањето и разновидноста на патеките, најудобни ски-лифтови, врвна хотелска услуга со убава храна и љубезен персонал... можам да набројувам уште долго.


Кои стази ви се омилени во Австрија, каде скијате најчесто?

- Не експериментирам со нови центри и нови хотели, таму кај што ќе ми се допадне секогаш се враќам. Долго одев во истиот хотел, “Нок Ресорт” во Бад Клајнкирхајм, но последниве неколку години забележав дека во стандарден хотел почнува да ми пречи вревата на големи семејства со многу деца. Деца како деца – мора да трчаат, врескаат и да се хиперактивни (нормално, сите сме биле такви). Но, на самотник како мене кој живее во мир, тишина и спокој кога е дома, сега повеќе ми одговараат хотели во кои нема деца иако таквите се значително помалубројни и затоа поскапи. Таков е мојот нов омилен хотел “Вулфениа” во Насфелд. И секогаш бирам хотели до кои можам од патека да доскијам до влез без пешачење или додатен превоз.

Тоа е еден од начините на одржување на кондицијата и линијата?

- Одржувањето на кондицијата и линијата се додатен бонус за сите кои сме страстни скијачи. За тоа не ни размислуваме, а се случува редовно бидејќи скијањето е спорт во кој претежно се ангажираат најголемите мускули во телото (бутните) и со самото тоа тие се најголеми потрошувачи на енергија. Секој пат се изненадувам како после толку обилни оброци, апетитот расте ради активноста и планинскиот воздух, се враќам дома полесен за неколку килограми.

Имало ли непријатни ситуации? (лоши падови, невреме)

- На секој скијач, без разлика на вештината и искуството, му се случува понекогаш да падне. За среќа никогаш не сум имал ни најмала повреда. Можеби, покрај среќата, и самиот сум заслужен за тоа бидејќи преку годината скоро секој ден го користам “Орбитрекот” дома, а секој скијачки ден на патеките ми започнува со барем 20 минутни вежби за загревање.

Уникатни моменти кои се паметат цел живот?

- Секој скијачки одмор за мене е доживување сам по себе бидејќи го чувствувам со цело тело и полна душа. Мојата професија е таква да најмногу настапувам во лето, па не ни одам на летен одмор. Сигурно 15 години не сум легнал на плажа, не сум се сончал, нити сум влегол во море или езеро. Јас сум повеќе зимски тип.


Кој ви е омилен хотел каде знаете да го поминете остатокот од денот, да се опуштите во СПА после скијање можеби?

- Повеќето од хотелите во кои сум престојувал на скијање имале префикс “Спа” и комплетна понуда на базени, сауни масажи, теретани и што уште не. Никогаш не ги користам, мојот ден започнува со јак појадок, 5-6 часа активно скијање со пауза за чај и овошје, прошетка низ местото приквечер, вечера, некој филм во соба пред спиење и веќе околу 22 часот заспивам бидејќи алармот ми е наместен за во 7 часот.

Ноќно или дневно скијање?

- Само дневно, никогаш не сум бил на ноќно скијање. Мене лично би ми било премногу, дневното скијаље ми ги задоволува сите мои скијачки апетити.

Сам или во тандем?

- Секогаш сам, затоа воопшто и немам слики од скијање освен неколку селфи обиди. Помнам дека порано правев напори да ги мотивирам моите тогашни девојки да се обидат да го засакаат скијањето за да патуваме и скијаме заедно, ама не ми успеваше. На неколку дури им купував комплетна скијачка опрема и гардероба и ги подучував, ама залудно. Со сила убавина не бива, хаха...

Зимската идела е опеана и во вашите песни. Кога сме кај нив вие сте еден од ретките изведувачи, кој на сите свои песни се потпишува како текстописец. А тоа што е излезено од срце, се прифаќа со срце. Која е вашата муза?

- Да, мојата фасцинација со снежните зимски убавини дури ја искористив во песна, ”Мавровска белина”, пред 15-тина години. Мојата муза секогаш била таа во која сум бил вљубен во тој период кога сум пишувал. Без разлика дали подоцна се покажало дека таа особа не била вистинската, секогаш сум се обидувал да ја опеам во моментите кога емоцијата ми била уште чиста и искрена. Можеби затоа денес може да се каже дека не сум вљубен во некого конкретно, туку во Љубовта. Таа е мојата вечна муза.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг