Фејсбук моментално работи, но некои корисници сè уште имаат проблеми

Супермен

14/03/2019

14:45

334

Големина на фонт

а а а

Од вчеравечер траат проблемите со една од најпопуларните социјални мрежи во светот. Овој проблем многумина го нарекуваат најголемиот пад на Фејсбук во историјата. Моментално социјалната мрежа работи, но корисниците и понатаму имаат проблеми.

Прекинот траел повеќе од десет часа и се верува дека тоа е најдолгиот прекин кој некогаш ѝ се случил на оваа мрежа. За да им се објасни на корисниците што точно се случува, морале да се обратат на својата конкурентска мрежа Твитер каде ги известиле корисниците зошто настанал проблемот. 

Покрај Фејсбук и други платформи кои се во сопственост на овој технолошки гигант, вклучувајќи ги Инстаграм, Messenger и WhatsApp, исто така имаа повремени проблеми при пристапот на услугите и објавувањето на содржини.

Наместо селфи и ажурирање статус, многумина добиле порака: "Извинете, нешто не е во ред. Работиме на тоа овој проблем да го поправиме колку што е можно побрзо".

Корисниците на Фејсбук фрустрирани цел ден пишувале на Твитер дека оваа социјална мрежа не функционира. Користеле хештегови #FacebookDown и #InstagramDown.

"Свесни сме дека некои луѓе моментално имаат проблеми со пристапувањето на Фејсбук и неговото семејство на апликации. Работиме на решавањето на проблемот што е можно побрзо", објави Фејсбук.

Иако многумина сметаа дека ова е проблем од хакерска природа од Фејсбук велат дека нема никаква поврзаност со тоа.

Последниот пат кога Фејсбук имал толку големи проблеми било во 2008 година, но тогаш имаше речиси 150 милиони корисници, за разлика од сега кои се 2,3 милијарди корисници.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk