Квадрат за вртоглави 138.000 долари, станови за 550 милиони и живот без данок на брегот на Медитеранот - добредојдовте во Маретера, новоизградена населба во Монако која официјално ја понесе титулата најскапа во светот, оставајќи ги зад себе дури и најлуксузните населби во Дубаи.
На шест хектари земја „украдена“ од морето во Кнежевството Монако, никна комплекс во кој живеат милијардери, возачи на Формула 1 и светската елита. Меѓу најимпресивните згради, се издвојува 17-катната кула „Le Renzo“, дизајнирана од познатиот италијански архитект и добитник на наградата Прикер, Ренцо Пијано. Нејзината структура, како што пишува „Форбс“, наликува на брод што излегува од бродоградилиште.

Сите станбени згради, вкупно 130 станови и вили, беа распродадени пред проектот официјално да биде завршен на крајот од 2024 година. Изградбата траеше 11 години и чинеше околу 2,3 милијарди долари.
Маретера беше дизајнирана како ултра-ексклузивна населба од самиот почеток. Проектот е тесно поврзан со принцот Алберт II и локалниот милијардер Патрис Пастор, кој е и најголемиот инвеститор.
Изборот на купувачи беше строго селективен: потенцијалните сопственици поминаа низ лични интервјуа и одобрение од самиот Пастор и генералниот директор Гиј Томас Леви-Сијан, додека на посредниците воопшто не им беше дозволен пристап. Денес, кратко по завршувањето на работите, дел од становите веќе се продаваат повторно - по драстично повисоки цени.

Иако точните детали за препродажбата остануваат доверливи, локалните агенти за недвижности објавуваат понуди од околу 138.850 долари по квадратен метар, што е за 33 проценти повеќе од цената што ја платиле првите купувачи.
Изнајмувањето е посебна приказна - месечната кирија за некои имоти надминува 130.000 долари. Стан од 525 квадратни метри во кулата „Le Renzo“ се нуди за 73 милиони долари (околу 139.000 долари по квадратен метар), што е двојно поскапо од најскапите локации во Дубаи.
Цените на вилите во овој комплекс одат уште подалеку. Една од нив, со шест спални соби, сала за дегустација на вино, внатрешен и надворешен базен, спа центар, сауна, соба за масажа и приватно кино, е проценета на 41,7 милиони долари.

Сепак, агентите истакнуваат дека најскапите вили во Маретера надминуваат 200 милиони евра, додека вредноста на седум куќи изградени директно на брегот - единствените такви приватни згради во Монако, се проценува помеѓу 290 и 350 милиони долари.
Маретера веќе го сруши официјалниот светски рекорд за најскап дом некогаш продаден. Украинскиот милијардер Ринат Ахметов купи стан со 21 соба, кој се протега на пет ката на врвот на кулата „Le Renzo“. Според податоците објавени од „Блумберг“, оваа трансакција изнесуваше неверојатни 550 милиони долари. Со ова го симна од тронот претходниот рекорд од Хонг Конг од 319 милиони долари од 2017 година.

Денес во Монако живеат најмалку 29 милијардери, чие вкупно богатство се проценува на околу 167 милијарди долари. Со население од 38.857, ова значи дека има по еден милијардер на секои 1.340 жители, што претставува највисока концентрација на најбогатите луѓе по глава на жител на планетата.
Меѓу познатите жители на Маретера се британскиот хемиски магнат Џејмс Ратклиф, возачите на Формула 1 Макс Ферстапен и Шарл Леклер, а списокот на богати луѓе кои се селат во Монако продолжува незапирливо да расте.

