Ева Богоевска ве носи во „Градот кој никогаш не спие“

Точка

15/04/2019

10:30

1.853

Големина на фонт

а а а

„Карнеги Хол“ во Њујорк „Plenary Hall“ во кулите близначки (Convention Centre), во Куала Лумпур, Малезија, салата на Националниот Симфониски оркестар на Операта и Балетот во Хо Ши Мин –Виетнам, „Аристон“ во Сан Ремо, Италија, прекрасната сала на театарот во Ерусалим, Израел се само дел од светски познатите концертни сали во светот каде не само што настапувала туку најчесто се закитила со прва награда, нашата млада виолинистка Ева Богоевска.

 „Огледална сала“ е незјнината следна дестинација во Палатата Фоз во Лисабон, Португалија на 22 април. Меѓутоа ако треба да издвои еден од многуте настапи, тоа е секако во посакуваната од многу музичари од светот „Карнеги Хол“, што е престиж.

Што те изненади најмногу, што ти беше најчудно кога стапна на американско тло?

- Првото нешто што ми остави впечаток кога стапнав во Њујорк беше висината на зградите. Иако очекував да бидам изненадена од монументалноста на објектите, сепак ми беше многу чудно кога на Менхетн се најдов меѓу нив. Се воодушевив од високите згради, но некако првичното чувство да се движам меѓу нив не ми беше многу пријатно особено кога ќе погледнев нагоре. Но, навистина е незаборавно доживување да се набљудува градот од највисоките катови на зградите, особено нема да го заборавам погледот од Top of the Rock во Rockefeller Center.


Има ли разлика помеѓу публиката таму и кај нас, конкретно кога настапуваше во Карнеги хол ?

- Јас бев многу пријатно изненадена од топлината и срдечноста на публиката по мојот концертен настап во Карнеги Хол. Имаше аплауз и овации кои не престануваа. Искрено чувствував голема одговорност особено што настапот таму го добив како првонаградена на Интернационален натпревар за класична музика кој е базиран во Њујорк. Да се покаже пред публиката дека наградата е доделена во прави раце не е воопшто едноставно. Но, публиката толку позитивно влијаеше на мене што успеав да се чувствувам максимално релаксирано за време на настапот и да го дадам максимумот од себе. После концертот луѓето што го проследија мојот настап ми приоѓаа да ми честитаат и ми поставуваа многу прашања од типот на ,,колку вежбам, од колку години се свири виолина во нашата земја и сл. Можам да кажам дека публиката беше многу спонтана и навистина се чувствував како на домашен терен.


Како би ја опишала салата, бидејќи освен ти, Тавијтан и Симон Трпчевски, мислам и да нема друг настапувано? 

- Стилот во кој е опремена салата на Карнеги Хол и големината ја прави навистина импозантна и претставува дополнителна инспирација за секој уметник да настапи таму. Пробите пред настапот ги релизирав со пијано соработник кој е професор на познатата школа „Juilliard school of Music “ и се одвиваа на Џулиард каде просториите се со многу јака изолација и се звучи суво.


Кога навикната, поради пробите, на тој звук застанав на генералната проба во салата на Карнеги Хол почувствував такво олеснување поради преубавата акустика што ја носи салата и дури тогаш се опуштив и знаев дека концертот ќе биде добар. Да се свири во сала со прекрасна акустика е вистинско задоволство за секој музичар во салата беше забрането фотографирање или снимање за време на настапот освен за официјалниот нивен фотограф и снимател. Обезбедувањето за време на настапот меѓу другото будно внимава и на тоа. Исто така беше и во салата Аристон во Сан Ремо, Италија. 


Имаше ли време да се разгледа градот? 

- Кога патувам некаде поради настап обично има навистина малку време за разгледување на градот. Но, јас практикувам да си направам листа на работи кои несмеам да пропуштам да ги видам, па макар и да имам еден слободен ден после настапот. Деновите пред концерт не ги вбројувам воопшто како денови во кои би можела нешто многу да разгледувам бидејки имам проби, треба да сум и одморена итн. Њујорк мислам дека е град кој вистински и најубаво може да се доживее само ако низ него се движите пешки. Јас имав среќа да бидам сместена во срцето на Менхетн така да и Карнеги Хол, Џулиард школата,Тајм Сквер и многу други атракции ми беа лесно достапни и можев да се шетам без да се заморам многу.


 Што ти остави најголем впечаток? 

- Јас сум голем љубител на ликовната уметност така да МЕТ(The Мetropolitan Museum of Art) и MOMA (The Museum of Modern Art) ми беа две места од листата на нешта што несмеам да пропуштам да ги видам. Особено бев среќна што можев да ги видам од близу сликите на моите омилени ликовни уметници од периодот на импресионизмот. Њујорк е познат како ,,градот кој не спие,,. Тоа мислам дека го прави уште поимпресивен. Ми се допаѓа таа динамичност во која живее градот. Освен Карнеги Хол, Џулијард школата и Музеите кои ги спомнав, за мене многу важно и возбудливо е што имав можност да ја посетам Метрополитен Операта (Metropolitan Opera House) и Њујоршката Филхармонија. Уживав и во прошетките во Централ парк, особено пред настап тоа многу релаксира и опушта. Интересно е колку голем број на љубители на природата и здравиот начин на живот токму во Централ Парк за момент бегаат од градската бука и динамичност уживајќи во природата. Ја посетив и познатата улица Wall Street како и Меморијалниот центар на кулите близначки. За посета на Статуата на Слободата немав време, само ја видов од далеку.


Има ли нешто што ти сметаше ?

- Можеби времето не ми се погоди баш најмногу бидејки беше врнежливо. Тоа ми е проблем кога треба да се движам со виолината на грб бидејки треба посебно да внимавам заради инструментот. Неодамна се вратив од Берлин каде имав чест да ја претставувам нашата земја на Првата конференција за Нови начини во изведбите на класичните дела и исто така ми се погоди да врне за време на целиот мој престој таму.

Какво е чувството да се концертира во сала кај што досега од нашите имале концерт Тавитјан ,Симон Трпчевски...

- Навистина за секој еден уметник е престиж да настапи во познатата сала Карнеги Хол, знаејки дека тука настапувале многу познати меѓународно докажани уметници. Но, исто така би сакала да спомнам дека јас имам реализирано концерти и во други познати сали каде исто така концертирале многу светски познати имиња од областа на класичната музика. Би ги спомнала моите настапи во прекрасната сала Plenary Hall во кулите близначки (Convention Centre), во Куала Лумпур, Малезија, салата на Националниот Симфониски оркестар на Операта и Балетот во Хо Ши Мин – Виетнам каде настапив како солист со нивниот оркестар, салата Аристон во Сан Ремо, Италија каде настапив на Фестивал и успеав да земам прво место. Би ја спомнала и прекрасната сала на театарот во Ерусалим, Израел каде настапив на интернационален фестивал за класична музика и култура и освоив Гранд При и многу други концертни сали кои ми се подеднакво драги. Мојот следен настап кој ќе се реализира на 22 Април 2019 во прекрасната и доста позната Огледална Сала ( The Hall of the Mirrors) во Палатата Фоз во Лисабон, Португалија. Пијано соработник на концертот ќе биде нашата реномирана пијанистка и професор по пијано Маја Стојановска која живее, работи и со голем успех концертира во Португалија.


Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг