Соња Алексоска Неделковска: Тоше знаеше дека не е ниту мудро, ниту корисно да се игра со отворени карти

Точка

16/10/2019

10:14

1.859

Големина на фонт

а а а

После 12 години од смртта на Тоше, прочитајте дел од книгата на новинарката Соња Алексоска Неделковска посветена токму нему. Таа имаше прилика да го познава и професионално и приватно, па споделува со вас моменти од приватниот живот кои можеби не сте ги знаеле.

Тие, 80-тите години од минатиот век, во земјата донесоа голема неизвесност и уште поголема сиромаштија во многу семејства. Не го одминаа ниту чесното и побожно семејство Проески. Класната разлика стана сé поизразена. Фотелјашите го прелетуваа светот. На Никола Проески му го скратија патот до Стакларата. Му го одзедоа шефовското место. Му го придушија талентот за цртање. Многу вазни го имаа неговиот печат. Остана запаметен по ловџијата што пука во мечката, изгравирана на најубавиот македонски кристал.

Децата на фотелјашите почнаа да ја прават првата колекција од минијатурни „количиња“ со знакот на светските класи. Набрзо, ги гледаа во вистинска големина паркирани во својот двор.

За малиот Тоше, кој многу ги обожаваше автомобилите, капаците од тенџерињата на мајка му Доминика беа идеални за волан. Се криеше под масата и така, вртејќи го капакот од тенџерето, го „возеше својот автомобил“. По извозената трка се префрлаше на уште една игра. Го обожуваше звукот што одекнуваше од чеканот кога ќе удираше во стаклото. Но, секогаш внимаваше да не скрши нешто и да не се повреди. Но, може ли да се предвиди детската љубопитност?

„Еден ден бевме на гости кај баба ми по мајка, си седевме сите, а брат ми најде едно дрвено чеканче и си играше со него околу масичката. Наеднаш силно чукна и стаклото распука, се смешкаше и почна да кажува како го скршил, со зборовите „Чум, чум....чум!“ - демек го скршил. Мајка ми му кажа дека тоа не е добро, а брат ми како да се навреди и почна да вика: „Ајде пате – путе нома!“ Во превод: „Ајде да си одиме дома!“. Во следна пригода моите му купија жолто гумено чеканче и со него си играше цел ден, но без опасност дека ќе суреди уште некое стакло и дека ќе се повреди.“ (Дора Ристеска, сестра на Тоше).

Следуваше период кога го немаше во јавноста. Достоинственото повлекување е исто како и храбриот напад. Тоше знаеше дека не е ниту мудро ниту корисно да се игра со отворени карти. Не откри ниедна своја намера, а тој негов однос будеше уште поголема љубопитност. Ќе се навалеше во фотелјата и молчеше. Од неговата уста не излезе ниеден отровен збор за поранешните соработници. Ќе му го дофатев погледот што луташе во сликата на телевизорот или во аглите на белите ѕидови. Погледот му беше наивен, но никогаш безначаен. Неговиот ум имаше моќ да ги забележува и најситните детали, да ги складира сите зборови, да ги запишува настаните што вртоглаво се менуваа во неговиот животот. Набљудуваше со голема остроумност, ги сфаќаше темелно нештата, ја откриваше и внатрешноста на луѓето покрај себе. Но, ретко ги откриваше своите забелешки, само пред одбраните, на кои најмногу им веруваше. Личноста му беше опкружена со таинственост. Интровертноста како црта од неговиот цврст карактер, ненаметливо будеше кај луѓето стравопочит. Очите му беа огледало на душата. Но, ретко кој можеше да ја прочита пораката што ја испраќаа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг