[ФОТО/ВИДЕО] Сè за Џеси Бакли: Актерката која испиша историја на годинешните Оскари

Точка

16/03/2026

09:29

516

Големина на фонт

а а а

Џеси Бакли влезе во историјата на 98. доделување на Оскарите, станувајќи првата актерка од својата земја која го освои златниот кип за најдобра главна женска улога.

Престижната награда ѝ ја донесе изведбата на Агнес Шекспир во филмот „Hamnet“.

Улога што ѝ го промени животот

Во филмската адаптација на романот „Hamnet“ од Меги О’Фарел, Бакли ја толкува Агнес, сопругата на Вилијам Шекспир, која во историјата е попозната како Ен Хатавеј. Филмот го следи брачниот пар кој се соочува со огромна тага по смртта на својот син. Актерката изјавила дека снимањето било „искуство што го менува животот“.

Како што претходно открила, токму оваа улога кај неа разбудила „длабока потреба“ да стане мајка. Во интервју за британскиот „Vogue“ изјавила дека отелотворувањето на жена која го изгубила своето дете кај неа поттикнало силна желба и самата „да го пронајде“ своето дете.

Од талент шоу до Академијата

Родена во Киларни, Бакли пет години посетувала манастирско училиште за девојки, а во 2008 година, на 17-годишна возраст, се пријавила на талент-шоуто на Би-би-си „I’d Do Anything“. Емисијата барала нова главна актерка за улогата на Ненси во обновената продукција на мјузиклот „Oliver!“ на Вест Енд, а Бакли го завршила натпреварот како второпласирана.


Актерката открила и дека во тинејџерските години се борела со нарушување во исхраната и депресија. Подоцна се запишала на студии на Кралската академија за драмски уметности (RADA) во Лондон, каде што дипломирала глума во 2013 година.

Патот до ѕвездите

Театарската кариера ја започнала истата година во театарот „Shakespeare’s Globe“ во продукцијата „Бура“, по што на Вест Енд глумела покрај Џуд Ло во претставата „Хенри V“.


На телевизиската публика ѝ се претставила во 2016 година во адаптацијата на „Војна и мир“ од Толстој, а филмското деби го имала една година подоцна во психолошкиот трилер „Beast“.

Потоа следувала улогата во музичката драма „Дивата роза“ (2018), која во 2019 година ѝ ја донела шкотската награда БАФТА за најдобра актерка. Во 2020 година глумела во психолошкиот трилер „I’m Thinking Of Ending Things“, а забележани улоги остварила и во серијата „Чернобил“ на HBO (2019) и во хит-серијата „Fargo“.


Првата номинација за Оскар, за најдобра споредна актерка, ѝ ја донела улогата во филмот „Мрачна ќерка“ (2021), каде што глумела покрај Оливија Колман. Соработувала и со Клер Фој во историската драма „Women Talking“ (2022), а со Колман повторно се здружила во филмот „Wicked Little Letters“ (2023). Неодамна глумела и во научно-фантастичната романса „Fingernails“. За улогата на Сали Боулс во мјузиклот „Cabaret“ во 2022 година ја освоила престижната награда Лоренс Оливие.


Љубителка на мачки

На почетокот на месецот, гостувајќи во американското ток-шоу на Џими Фелон, Бакли појаснила дека е „љубителка на мачки“ по негативните реакции што ги предизвика нејзината претходна изјава дека не ги сака. Таа рече дека е „заблуда“ дека ги мрази овие животни и откри дека еднаш дури била на аудиција за улога на мачка.

Приватен семеен живот

Бакли од 2023 година е во брак со Фреди Соренсен, експерт за ментално здравје. Парот, кој го чува својот приватен живот далеку од јавноста, доби ќерка во есента 2025 година. Актерката повеќепати изјавила дека нејзиниот сопруг избегнува јавност поради природата на неговата работа. Се запознале на слепо на состанок во лондонскиот Хакни, а средбата им ја договорил заедничкиот пријател, музичкиот директор Марк Робинсон.


На доделувањето на Оскарите одржала емотивен говор во кој им се заблагодарила на своето семејство, а на сопругот Фреди испратила и посебна порака – рекла дека со него сака да има уште 20.000 деца. „Фред, навистина те сакам. Ти си неверојатен татко. Мој си најдобар пријател и сакам со тебе да имам уште 20.000 деца. Навистина го сакам тоа, искрено“, рекла.


Ја споменала и нивната ќерка. „Мојата Исла има осум месеци и нема поим што се случува, веројатно само сонува за млеко, но ова е голема работа. Те сакам, сакам да бидам твоја мама и едвај чекам заедно со тебе да го откриваме животот“, порачала актерката.