Сите добитници на „Оскарите“ на едно место: „Една битка по друга“ триумфираше на Оскарите со шест статуетки

Точка

16/03/2026

10:55

1.061

Големина на фонт

а а а

Во Лос Анџелес, во прочуениот „Долби театар“, синоќа се одржа 98. издание на филмските награди Оскар, најпрестижното признание во светот на кинематографијата. Со церемонијата заврши годинешната наградна сезона во Холивуд, а вечерта ја одбележа убедливата победа на филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another), кој ја освои наградата за најдобар филм.

Политички обоената драма на режисерот Пол Томас Андерсон освои вкупно шест Оскари од 13 номинации и го победи својот најголем ривал „Грешници“ (Sinners). Со тоа филмот се приклучи на групата остварувања како „Сè за Ева“ (All About Eve), „Кум 2“ (The Godfather: Part II) и „Катинар“ (The Hurt Locker), кои исто така освоиле по шест награди на Академијата.

Пол Томас Андерсон ја освои својата прва награда за најдобар режисер, иако со децении важи за еден од најценетите автори во современиот филм. Претходно беше номиниран за филмови како „Ќе има крв“ (There Will Be Blood), „Мајсторот“ (The Master) и „Фантомската нишка“ (Phantom Thread), но никогаш не успеа да ја освои статуетката.

Покрај режијата, „Една битка по друга“ (One Battle After Another) доби и награда за најдобро адаптирано сценарио, монтажа и кастинг, како и Оскар за најдобра споредна машка улога за Шон Пен.

Во својот говор, Андерсон емотивно им се заблагодари на сопругата Маја Рудолф и на своите деца.

„Овој филм го напишав за моите деца – како извинување за нередот во светот што им го оставаме“, рече режисерот, изразувајќи надеж дека новата генерација ќе успее да ги исправи грешките на претходните.

Иако не ја освои главната награда, филмот „Грешници“ (Sinners) на режисерот Рајан Куглер влезе во историјата со рекордни 16 номинации, најмногу во историјата на Оскарите. Филмот сепак освои четири награди, меѓу кои и Оскар за најдобар актер за Мајкл Б. Џордан. Во силна конкуренција беа и Тимоти Шаламе за „Супериорниот Марти“ (Marty Supreme), Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“ (One Battle After Another), Вагнер Моура за „Тајниот агент“ (The Secret Agent) и Итан Хок за „Сина месечина“ (Blue Moon).

Историски момент беше победата на снимателката Отам Дуралд Аркапо за „Грешници“ (Sinners), која стана првата жена што ја освои наградата за кинематографија во 98-годишната историја на Академијата.

Џеси Бакли ја освои наградата за најдобра актерка за улогата во „Хамнет“ (Hamnet), додека Оскарот за најдобра споредна женска улога ѝ припадна на Ејми Медиган за филмот „Оружја“ (Weapons). Медиган, која има 75 години, постави рекорд за најдолг период меѓу првата номинација и првата победа – дури 40 години, откако беше номинирана во 1986 година за „Двапати во животот“ (Twice in a Lifetime).

Шон Пен, пак, ја освои наградата за најдобра споредна машка улога за „Една битка по друга“ (One Battle After Another) и со тоа стана четвртиот актер во историјата со три актерски Оскари, придружувајќи им се на Даниел Деј-Луис, Џек Николсон и Волтер Бренан. Интересно е што Пен не присуствуваше на церемонијата.

Норвешкиот филм „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value) ја освои наградата за најдобар меѓународен филм, што е прва ваква победа за Норвешка.


Филмот „Франкенштајн“ (Frankenstein) на режисерот Гиљермо дел Торо освои три награди, за костимографија, шминка и фризура и сценографија.

Наградата за најдобар анимиран филм ја освои „К-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters), а песната „Golden“ од истиот филм беше прогласена за најдобра оригинална песна.

Меѓу техничките категории, „Формула 1“ (F1) победи за звук, „Аватар: Оган и пепел“ (Avatar: Fire and Ash) за визуелни ефекти, а документарниот филм „Господинот Никој против Путин“ (Mr. Nobody Against Putin) го освои Оскарот за најдобар документарец.

Церемонијата ја водеше комичарот Конан О’Брајан, чиј воведен монолог предизвика голем број реакции. Тој се пошегува на сметка на вештачката интелигенција, политиката во САД и изјавите на актерот Тимоти Шаламе за балетот и операта.

Шпанскиот актер Хавиер Бардем, пак, за време на доделувањето на наградата за најдобар меѓународен филм испрати политичка порака со зборовите „Не за војна и слободна Палестина“.

Внимание привлече и присуството на иранскиот режисер Џафар Панахи, кој иако беше номиниран за филмот „Тоа беше само несреќа“ (It Was Just an Accident), најави дека по враќањето во Иран најверојатно ќе мора да отслужи затворска казна поради обвиненија за „пропаганда против државата“.


Годинашните Оскари донесоа и исклучително редок момент – изедначување во категоријата за најдобар краткометражен игран филм. Наградата ја поделија „Пејачите“ (The Singers) и „Две лица што разменуваат плунка“ (Two People Exchanging Saliva). Тоа е само седми ваков случај во историјата на Оскарите.

Целосната листа со победници можете да ја погледнете ТУКА.