Костадин Костадинов за Точка: „Ми недостасуваат дружбите со татко ми. Тоа ми фали многу“

Точка

28/11/2019

23:13

15.966

Големина на фонт

а а а

Точка само за вас - нашите читатели, во следниот период ќе објавува интервјуа „од друг агол“ со политичарите. Првото интервју го направивме со Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ, кој со задоволство прифати да биде дел од нашиот нов концепт.

Го запознаваме Костадинов од онаа, помалку познатата страна за јавноста - приватната. Какво детство имал, што најмногу му недостасува, дали е заљубен, кој му е омилен специјалитет - читате во продолжение...

Што е она што сакате да го правите, а немате време?

Сакам кога поминувам повеќе време со семејството, повеќе време со другарите од детство кои ретко ги гледам, сакам да имам повеќе време за возење мотор, да поминувам во природа, време за спорт - ама немам многу време за тоа.


Дали имате време да им се посветите на пријателите од детството? Дали работата Ве промени во приватниот живот?

Пријателите од детството ги гледам секогаш кога имам време. Се трудам во граници на можностите да издвојам време за да сум повеќе со нив, затоа што уживам во таквите дружби. Сепак, секојдневно со дел од нив сум во комуникација преку социјалните мрежи и апликациите. Со оглед на тоа што од своја 18-та година се бавам со политика, тоа беше и периодот кога влегов во СДСМ. Од 2013-та сум советник во општина, па станав најмлад градоначалник именуван во Европа на 26 години и нормално е дека пропуштам некои работи што би ги правел ако не би бил политичар. Секако, во тој аспект на промена на секојдневни навики и обврски да, инаку како човек не ме промени работата. Уште сум истиот. Ги немам променето пријателите, другарите од детство, познанствата. Уште пред да влезам во политика се тие истите.


Која Ви е најголема пасија?

Моторот ми е најголема пасија. Уживам во возење на мотор. Прво возев off road, после возев спортски мотор, во моментов возам крузер. Исто така како еден вид пасија ќе ги издвојам прошетките околу Огражден, бидејќи таму сум растен. Од мои 5-6 години сум таму, со баба ми и дедо ми, и секое слободно време го користам да се видам со моите пријатели врсници но и младите сограѓани, соседи или гости кои знам да ги пречекам за планинарење или прошетка во природа. Таму ги полнам батериите, тоа е местото кое што ме релаксира. И секако, да не го заборавам моето милениче, со кое се забавувам секој ден. Ја вдомивме пред извесно време и навистина уживам кога го поминувам слободното време со Лана.


Може ли да издвоите некои интересни доживувања или да им препорачате некои off road патеки на читателите на Точка?

Периодот на off road дружбите ми се многу драги. Имаме доста интересни места кај нас кои можат да се видат особено во регионот Струмица и Охрид и секако неверојатното уживање кое може да се доживее во регионот кај Галичица, кое дефинитивно го препорачувам за љубителите на овој спорт. Додека пак со крос моторот ја обожавам патеката околу Огражден, затоа што е многу блага планина преполна со ливади и пејзажи. Претежно таму возев затоа што има убави патеки кои всушност се планински патчиња, доволно широки, во кои може и камион да помине, а се неверојатни за доживување.


Кој дел од детството најмногу Ви недостасува?

Ми недостасуваат дружбите со татко ми. Тоа ми фали многу. Сите тие искрени муабети како син со татко, секако дека фалат и ќе ми фалат до крајот на животот. Како друг дел од детсвото кој фали е средношколството. Учев во Yahya Kemal, и таа дружба со другарите од интернатот од моите тинејџерски години навистина ми беше убава. Ако би можел да го вратам времето би се вратил таму со нив. Сега сите сме на различни страни, некој во политика, некој во бизнис, некој во адвокатура, некој надвор од државата. Одржувам контакти со сите, но тоа заедништво и тој мултикултурализам – во интернатот бевме Македонци, Албанци, Бошњаци, Турци - беше период кој секогаш ќе го паметам.

Дали бевте палаво дете и за што најмногу Ви се лутеа родителите?

Па да со оглед на тоа дека на 7 години првпат се качив на мотор, може да замислите какво дете сум бил. Секогаш бев палаво дете. Во границите на нормалните работи, без некои големи претерувања. Паметам една случка, кога се качив на веспата на татко ми на 7 години и се возев низ маало. Тоа нема да го заборавам, тогаш најмногу ми се налутија.


Дали сте заљубен, имате ли “време“ за љубов?

Да, нормално дека сум заљубен. И мислам дека не треба само да се издвои време за љубов. За љубовта треба внимание, за љубовта треба разбирање, за љубовта треба разговор. Така јас ја дефинирам љубовта, не е само времето да се помине со саканата личност. Јас многу малку слободно време имам за да го споделам со девојка ми, ама кога го споделувам тоа е многу искрено, многу суштински и е навистина со внимание.


Дали сте гурман - кои македонски и светски специјалитети би ги издвоиле?

Порано бев голем гурман, пред едно 12 години и експериментирав многу повеќе, иако уште не можам да кажам дека не сум гурман со тоа што веќе 12 години не јадам месо. Ја сакам рибата и ја јадам многу често. Имам повеќе омилени наши јадења, но еве ќе издвојам тавче гравче, сакам и Македонско овчо сирење, сакам добар ајвар, пинџури, домашни туршии и сите ме потсеќаат на нашата традиционална кујна која е навистина уникатна. Од странските кујни, Италијанската на пример ми е многу здодевна, не ја обожувам многу, тестенини и пасти не сакам. Но, затоа пак Грчката кујна ми е многу ок. Грците имаат една зимска салата, која што треба 24 часа да отстои и е многу слична на нашата туршија, внатре има морков, зелка, кромид и ја прават со шеќер, со вода, со оцет и ја оставаат 24 часа да одлежи. Таа на пример би можел да ја јадам цело време.

Кои филмови/серии би им ги препорачале на читателите на Точка?

V for vendetta, Money heist и GOT.

Може ли да издвоите некоја омилена песна?

Слушам кај шумат шумите. :)


Колкупати неделно отворате Точка и која Ви е омилена категорија?

Секој ден отварам Точка. А омилен дел ми се Вестите. :)



Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг