2,3 милиони долари за 21 машина: Продадена личната автомобилска колекција на покојниот Пол Вокер

Супермен

21/01/2020

13:10

1.636

Големина на фонт

а а а

Дваесет и едно возило во сопственост на трагично починатиот актер Пол Вокер, најпознат по улогата во популарната филмска франшиза “Fast & Furious”, се продадени за 2,33 милиони долари на годишната аукција на автомобили во Аризона.

Колекцијата на Вокер била сочинета од 18 автомобили и три мотоцикли од разни периоди на автомобилизмот, а на еднонеделната аукција на познатата аукциска куќа “Барет-Џексон” одржана во Скотсдејл, највисоката цена од 385.000 американски долари ја достигнал моделот “BWM M3 Lightweight” од 1995 година. 

Станува збор за еден од пет вакви ”BMW E36 M3 Lightweight” автомобили, а вкупно се произведени само 126.

Сите пет се од истата група – сите се бела боја и со голем спојлер отпозади. “M3 Lightweight” досега вообичаено постигнувал цена од 150.000 долари, а фактот дека сите автомобили биле во сопственост на позната личност дополнително ја зголемил цената.

Еден од фаворитите на публиката бил автомобилот “Nissan 370Z” од 2009 година, кој се појави во филмот “Fast Five”. Возилото со мала километража било продадено во четвртокот за 105.600 долари, што е највисока цена досега постигната за еден 370Z.


Во саботата бил продаден автомобилот “Ford Boss 302S” од 2013 година за 95.700 долари, кој никогаш не бил користен на трки, а Вокер го добил како подарок.


Целиот приход од продажбата на возилата е наменет за фондацијата со која управува 20-годишната ќерка на Вокер, Медоу. Пол Вокер загина на 30-ти ноември 2013 година во автомобилска несреќа, на 40-годишна возраст. 


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk