[ФОТО] Дејвид Гета од Скопје си замина со уникатен подарок: Македонскиот дизајнер Грабуловски му наслика јакна со симболи од Македонија и неговата кариера

Супермен

10/09/2026

10:18

1.134

Големина на фонт

а а а

Спектакуларното шоу на светската диџејска ѕвезда Дејвид Гета во Скопје не беше само музички спектакл туку и можност за една несекојдневна македонска креативна приказна да стигне до светската сцена.

По неговиот грандиозен настап во арената „Тодор Проески“, каде пред околу 50.000 посетители приреди незаборавна вечер, Гета доби уникатен подарок – рачно насликана јакна, изработена специјално за него од македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски и неговото „SWithADot“ студио.

Станува збор за „one-of-a-kind“ парче, создадено со идеја на едно место да се спојат Македонија, музиката и најзначајните моменти од повеќедецениската кариера на еден од највлијателните диџеи и продуценти во светот.


Јакната е осмислена како своевидно уметничко платно, на кое преку внимателно одбрани мотиви се раскажува приказна за Гета – неговите почетоци, големите хитови, достигнувањата, љубовта кон музиката, но и симболи што се директно поврзани со Македонија.

Посебно внимание привлекуваат ракавите, на кои се испишани и насликани различни детали, секој со свое значење.


На левиот ракав се наоѓа монолитот над македонското знаме, заедно со датумот на независноста на Македонија – симболика која директно ја поврзува јакната со големиот јубилеј, 35 години независност на земјата, по повод кој беше организирано и спектакуларното шоу на Гета во Скопје.

Покрај македонските мотиви, на истиот ракав се испреплетени и елементи поврзани со кариерата на францускиот музичар. Тука е и Греми наградата, како симбол на неговите огромни успеси на светската музичка сцена, како и Ибица, дестинацијата која со години е еден од најважните центри на светската електронска музика.


Меѓу илустрациите се наоѓа и Џек Бек, неговиот музички проект со кое Гета се врати кон хаус и денс звукот, додека песната „Titanium“ е претставена преку препознатливи музички бранови – визуелен детаљ кој на јакната ѝ дава дополнителна динамика.

И десниот ракав носи низа интересни симболи и музички асоцијации.


Таму е насликана волчица поставена над македонските планини, мотив во кој се спојуваат природата и симболиката на Македонија со уметничкиот израз на дизајнерот. Следува и Купидон, како асоцијација на еден од големите хитови на Гета – „When Love Takes Over“, дополнет со син музички бран во ритамот на песната.

На јакната свое место најдоа и „Pirate Radio“, како потсетување на неговите музички почетоци, како и симболите „One Love“ и „Future Rave“, кои се дел од препознатливиот музички свет и развој на францускиот диџеј.


Целата идеја е јакната да не биде само модно парче, туку личен и визуелен музички запис, во кој секој детаљ носи порака и потсетува на одреден момент од кариерата на Гета или на неговото гостување во Македонија.

Ваквиот подарок до светската музичка ѕвезда е уште еден пример како македонската креативност може да најде начин да се претстави пред глобалната публика – овојпат преку мода, уметност и музика.


„Јакната ја завршивме релативно брзо, но тоа е затоа што во изминативе 6 дена, целиот S-тим работеше на неа деноноќно, во координација со тимот на Дејвид. За мене најважно е светските ѕвезди од Македонија да си отидат со најдобри впечатоци и најквалитетно парче уметност, нешто што мислам дека Гета вчера го доби“, вели Грабулоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk