Ова се петте најголеми американски донатори: Првиот на листата за 5 години поклонил над 14 милијарди долари

Супермен

23/01/2020

10:41

1.586

Големина на фонт

а а а

Американскиот магазин Форбс истражувал кои се најголемите донатори во САД, земајќи ги предвид податоците за периодот од 2014-2018 година.

Форбс напоменува дека ги пресметувал само парите кои стигнале до крајните корисници, а не оние ветените. Според тоа, магазинот направил листа од 25-те најголеми донатори, а еве кои милијардери се најдоа на првите пет места:

Ворен Бафет

Најголемиот американски филантроп и донатор е инвеститорот Ворен Бафет, кој за 5 години донирал дури 14,7 милијарди долари. Неговото вкупно богатство е проценето на 90 милијарди долари. Ако се земат предвид податоците од 2006 до денес, Бафет вкупно донирал 34 милијарди долари преку акциите од својата компанија “Berkshire Hathaway”.


Најмногу пари донирал за фондацијата”Bill & Melinda Gates” кои се негови пријатели. Фондацијата се занимава со борба против сиромаштијата и подобрување на здравството во земјите во развој. Тој исто така го помага образованието, социјалната правда и женските права преку фондациите кои ги водат неговите деца.

Бил и Мелинда Гејтс

Втори на листата на најголеми донатори се Бил и Мелинда Гејтс, кои за 5 години донирале 9,9 милијарди долари. Нивното моментално богатство изнесува 109,6 милијарди долари.


Бил и Мелинда Гејтс управуваат со најголемата светска хуманитарна фондација која има 46,8 милијарди долари во пари и средства под управување. Непрофитната фондација е фокусирана на борбата против глобалната сиромаштија, економскиот развој, здравството и образованието и вкупно донирала 50,1 милијарда долари преку грантови од своето основање во 1994 година.

Џорџ Сорос

Третиот најголем донатор е Џорџ Сорос, кој се ориентира воглавно на економскиот развој и човековите права. Тој за таа цел потрошил 3,1 милијарда долари за 5 години, а неговото вкупно богатство е 8,3 милијарди долари.


Унгарецот кој живее во САД е познат по својата фондација “Отворено општество” која особено е присутна во источна Европа. Фондацијата генерално поддржува проекти како борба за гласачки права, реформи во правосудниот систем, медиумска слобода и иницијативи за човекови права.

Мајкл Блумберг

Четвртиот најголем американски донатор е Мајкл Блумберг кој се фокусира на климатските промени и здравствениот систем, за кои донирал 3 милијарди долари за 5 години.


Поранешниот градоначалник на Њујорк и претседателски кандидат е особено заинтересиран за контрола на оружјето, јавното здравство и зачувување на животната средина. Неговата фондација “Bloomberg Philanthropies” донирала повеќе од една милијарда долари за сузбивање на користење на цигари во последната деценија. 

Семејството Волтон

Петти на листата на најголеми донатори се членовите на семејството Волтон. Тие вложуваат во едукација и зачувување на животната средина, а за 5 години донирале 2,3 милијарди долари. Но, тоа е само мал дел од неверојатната сума од 181,4 милијарди долари колку што поседува најбогатото семејство на светот.


Семејството Волтон е сопственик на најголемиот светски трговски ланец “Walmart”.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk