По имплементирањето на сатурација на нивото на кислород во крвта, „ECG“ и мерење на крвниот притисок на своите паметни часовници, „Apple“ и „Samsung“ наводно планираат да додадат уште една импресивна карактеристика во своите претстојни модели – мерење на нивото на шеќер (глукоза) во крвта.
Според наводите на „ETNews“, претстојниот паметен часовник на „Samsung“ (условно наречен „Galaxy Watch 4“) ќе имплементира неинвазивна технологија за мерење на нивото на шеќерот во крвта. Компанијата ќе се потпре на оптички сензор за мерење.
„Samsung“ нема да биде единствениот кој ќе ја нуди оваа корисна технологија во своите носечки уреди. Наводно и „Apple“ ќе ја користи истата технологија во својот следен паметен часовник („Apple Watch Series 7“). „Apple“ моментно ја тестира прецизноста и ефикасноста на мерењето на глукозата во крвта преку паметниот часовник.
Оваа технологија е веќе видена и претходно – во текот на саемот „CES“ во 2014 година, јапонската компанија „Quantum Operation“ прикажа уред за кој тврди дека е првиот светски неинвазивен монитор, способен за константно мерење на нивоата на глукоза, кога се носи околу зглобот.
Иако технологијата е многу ветувачка и би можела да прретставува додаток за паметните часовници што спасува животи, „Samsung“ и „Apple“ најпрвин ќе мора да добијат одобрување за технологијата од страна на регулаторните тела во регионите каде што планираат да ја понудат новата функција на своите паметни часовници.