Можеби спортските обврски ги заврши до почетокот на подготовките за Европското првенство, но напаѓачот на Јувентус – Кристијано Роналдо, не мирува кога станува збор за бизнис.
Имено, Португалецот наголемо се подготвува за 7 јуни и отворањето на еден од најлуксузните хотели во Мадрид – „Pestana Cr7 Gran Via“, а тоа ниту самиот тој не го криел на социјалните мрежи.
„Конечно одбројуваме до нашето отворање. Забавен начин за уживање во мадридскиот поглед, спортски бар и најдобра пица во градот. Резервирајте си веднаш и бидете меѓу првите кои ќе го доживеат тоа искуство“, се пофалил Роналдо.
Инаку, медиумите нагласуваат дека Кристијано вложил дури 13 милиони евра во хотелот кој ќе биде трет во негова сопственост.
Да ве потсетиме дека претходните два хотели се наоѓаат во неговата татковина.
Новиот хотел на Кристијано Роналдо ќе има 168 луксузни соби распространети на 10 катови. Деветтиот кат ќе биде резервиран за „обичните граѓани“, односно оние кои не се гости на хотелот, а токму таму ќе биде сместен и спортскиот бар.