„Подносителот на пријавата мора да биде испрашан. Ќе биде повикан да одговори на прашања за тоа како се случило сè, каде и под какви околности.“
Вероника Жилина, 16-годишна уметничка лизгачка, го обвини нејзиниот тренер Сергеј Розанов за сексуално вознемирување додека престојувала во камп во Кисловодск, на само 11 години. Во интервју за "Match TV", таа изјави дека тој доаѓал во нејзината соба и ѝ нудел масажи, кои таа постојано ги одбивала. Според неа, ваквото однесување се повторувало повеќе пати.
„Сергеј Розанов ќе дојдеше во мојата соба и ми нудеше масажи, иако неколкупати одбив. Инсистираше на нешто секогаш кога сите други ќе ја напуштеа салата“, изјави младата лизгачка и додаде дека неговото чудно однесување не завршило тука. Таа тврди дека ѝ нудел алкохол и ѝ предлагал да продолжат со тренинг во нејзината соба.
Споменатиот тренер е дел од тимот на Етери Тутберидзе, една од најуспешните тренерки во историјата на уметничкото лизгање. Розанов сè уште не се има јавно изјаснето за обвинувањата на Жилина.
И покрај младоста, 16-годишната лизгачка веќе има постигнато значајни резултати — освои сребрен медал на јуниорското првенство на Русија за сезоната 2022/23.
Поради повреда на грбот, мораше да паузира од натпреварувања две години. Неодамна беше објавено дека на идните натпреварувања ќе ја претставува Азербејџан.
Според "Pinnacle Gazette", адвокатот Александар Добровински изјавил дека ќе се спроведе темелна истрага ако Жилина ги повтори обвинувањата и пред полицијата.
„Тешко е да се процени како ќе постапи полицијата. Според законот, подносителот на пријавата мора да биде испрашан. Ќе биде повикан да одговори на прашања — како се случило сè, каде и под кои околности. Дури потоа, истражителот ќе одлучи дали ќе се поведе кривична постапка или не“, изјави Добровински.