Иако кафето со векови е незаменлив утрински ритуал во речиси секој дел од светот, во последните неколку години мачата го привлекува вниманието на љубителите на здравиот начин на живот. Меѓутоа, дали мачата е навистина поздрава од кафето?
Мача е зелен прав кој всушност се прави од зелен чај, а со векови се користи како традиционален лек во Јапонија. Се добива од истите листови како зелениот чај (Camellia sinensis), но се одгледува и се бере на посебен начин.
За разлика од обичниот чај, кај мачата, се консумира целиот лист во прав, што значи повеќе хранливи материии посилни ефекти. Инаку мачата стекна голема популарност во САД во 2015 година, кога Гвинет Палтроу сподели објава на Инстаграм во која раскажала дека пробала мача лате во локално кафуле.
Да не зборуваме за Зендаја, Џиџи Хадид и Хејли Бибер, кои сè почесто можеме да ги видиме со зелениот пијалак в рака. Инфлуенсерите и фитнес ентузијастите го фалат, го промовираат и го вметнуваат во нивната секојдневна рутина. Сепак, се поставува прашањето: Дали мачата е навистина поздрава од кафето?
Покрај неодоливиот вкус и мирис, кој често е прва асоцијација на утрата, кафето има и богата листа на здравствени придобивки.
Кофеинот, главната активна состојка во кафето, делува како стимуланс на централниот нервен систем. Го зголемува нивото на енергија, го скратува времето на реакција и ја подобрува концентрацијата. Едно истражување покажало дека кофеинот го зголемува времето до исцрпеност во текот на вежбањето за дури 12 отсто и значително го намалува чувството на замор.
Кај постарите возрасни, кафето е поврзано со подобра физичка функција и побрзо одење. Затоа не е ни чудо што спортистите често го користат кафето како природен додаток за подобри резултати и поголема издржливост.
Истражувањата, исто така, сугерираат дека кафето може да влијае на складирањето маснотии и здравјето на цревата, што може да помогне во управувањето со телесната тежина.
Редовното пиењето кафе може да биде поврзано со намален ризик од развој на дијабетес тип 2 на долг рок. Една студија покажала дека секоја дополнителна шолја кафе дневно може да го намали ризикот од дијабетес тип 2 за шест отсто.
Од друга страна, консумацијата на повеќе од две шолји дневно е поврзана со помала стапка на фиброза на црниот дроб и рак кај луѓето кои имаат проблеми со црниот дроб, покажала друга студија.
Покрај тоа, редовното внесување кафе (три до пет шолји дневно) го намалува ризикот од срцеви заболувања.
Кафето може да го намали ризикот од депресија, а една студија на повеќе од 200.000 луѓе покажала намалување на ризикот од самоубиство кај оние кои консумирале кафе.
Кафето може да помогне и во заштитата од невродегенеративни болести како Алцхајмерова и Паркинсонова болест и потенцијално да го продолжи животниот век.
Меѓутоа, кафето не е за секого. Консумирањето на кофеин во големи количини може да предизвика несакани ефекти како што се: зголемен крвен притисок, главоболка, нервоза и анксиозност, несоница, тремор и забрзано чукање на срцето, дехидрација, покачен холестерол и зависност со можен пад на крвниот притисок.
Бремените жени, доилките, луѓето со висок крвен притисок и оние со недостаток на железо треба да го ограничат внесот на кофеин на помалку од 200 милиграми дневно. Имено, доколку кафето се консумира истовремено или премногу блиску до оброк, може да ја отежни апсорпцијата на железо во организмот.
Мачата е богата со катехини, особено EGCG (епигалокатехин галат), моќен природен антиоксиданс кој ги штити клетките и го намалува ризикот од хронични болести.
Исто така, благодарение на високата содржина на „EGCG“, мачата покажува ветувачки резултати во лабораториските тестови во борбата против растот на клетките на ракот.
За разлика од кафето, кое го поддржува одржувањето на телесната тежина, мачата активно придонесува за губење на тежината. Редовното консумирање е поврзано со намалување на индексот на телесна маса, особено ако се комбинира со здрава исхрана и физичка активност.
Слично како и кафето, мачата може да има позитивно влијание врз функцијата на црниот дроб, иако повеќето студии сè уште се базирани на животни. Исто така, како и зелениот чај, мачата е поврзана со намален ризик од срцеви заболувања.
Дополнително, мачата содржи кофеин, но и L-theanine, аминокиселина која го намалува наглиот ефект на кофеинот и обезбедува чувство на мирна будност, овозможувајќи фокусирање без нервоза и пад на енергија.
Меѓутоа, како и кафето, и мачата има свои недостатоци. Имено, и мачата содржи кофеин – помалку од кафето, но повеќе од обичниот зелен чај – кој може да го зголеми крвниот притисок.
Исто така, како и кафето и зелениот чај ја отежнува апсорпцијата на железото. Затоа, доколку ви е дијагностицирана анемија поради дефицит на железо, се препорачува да избегнувате прекумерно консумирање на мача чај. Значи, умереноста е клучна.
На крајот кафето и мачата се рамноправни „ривали“. И двата го поддржуваат здравјето на срцето, црниот дроб и мозокот, ја зголемуваат енергијата и помагаат при губење на тежината.
Мачата е можеби за нијанса подобра во однос на енергетската стабилност и посилните антиоксидантни својства, додека кафето има поизразен ефект врз перформансите и менталната острина.