Францускиот министер за економија, Бруно Ле Мер, со месеци луто укажува на измамите кои на социјалните мрежи ги објавуваат инфлуенсерите.
Владејачката партија „Преродба“ и Социјалистичката партија најавија дека во текот на пролетта законски ќе го регулираат ова прашање.
Според зборовите на министерот Ле Мер, инфлуенсерите имаат голема тежина и голема одговорност. Тој смета дека не ги почитуваат постоечките правила и дека истите мора да се заострат.
Интернет економијата цвета ширум светот – многу компании им плаќаат на инфлуенсерите за промоција, наместо на телевизиските станици. Социјалните мрежи како Инстаграм, Јутјуб, ТикТок и Снепчет се голем простор за рекламирање бидејќи ги користат милиони луѓе. Се претпоставува дека оваа индустрија само во Франција е вредна неколку стотини милиони евра.
Инфлуенсерите рекламираат нешта како автомобили и облека, но и многу сомнителни производи како таблети за слабеење, пластична хирургија и криптовалути.
Како што пишува весникот „Politico“, Франција има строги закони со кои се регулира интернетот, а исклучок нема да бидат ниту инфлуенсерите. Според предлог-законот до кој дошол споменатиот весник, ќе се дефинира правниот статус на инфлуенсери кои живеат во странство, а имаат право да делуваат во Франција. Тоа пред сè се однесува на француските инфлуенсери кои живеат во Дубаи за да избегнат плаќање на даноци.
Предвидено е и интернет платформите да се обврзат на тоа да им овозможуваат пријава за измама на корисниците.
Француските парламентарци веќе следната седмица ќе разгледаат посебен закон со кој се забранува рекламирање на пластична хирургија и лекови и ризични финансиски вложувања, што се однесува на криптовалути. Управата за конкуренција, права на потрошувачи и контрола на измами соопштила дека повеќето инфлуенсери, над кои вршела контрола, ги прекршиле француските закони за заштита на потрошувачите и рекламирање.