Новото истражување открило загрижувачка врска помеѓу една вообичаената навика и зголемениот ризик од смрт од рак на простата. Според Американското здружение за рак, на секој осми маж ќе му биде дијагностициран рак на простата во текот на животот, што го прави втора водечка причина за смрт од рак кај мажите, веднаш зад ракот на белите дробови.
Иако повеќето заболени не умираат од оваа болест, ризикот за некои групи мажи значително се зголемува.
Имено научниците сега предупредуваат дека ризикот од смрт од рак на простата е поголем кај мажите кои пропуштаат редовни прегледи. Според анализата на студијата, мажите кои никогаш не оделе на прегледи имаат 45 отсто поголем ризик од смрт, додека оние кои редовно посетувале лекар имале 23 отсто помал ризик. Резултатите се добиени од истражување спроведено во седум европски земји во текот на изминатите 20 години, а биле опфатени податоци од 72.460 мажи, пренесе „Unilad“.
Водечкиот автор на истражувањето, д-р Рене Ленен од онколошкиот институт Еразмус МЦ во Холандија, истакнал дека мажите кои не одат на редовни лекарски прегледи честопати се и оние кои избегнуваат други форми на здравствена заштита.
„Ова е спротивно на однесувањето на оние кои се повеќе ориентирани кон здравјето и почесто практикуваат превентивни прегледи“, вели д-р Ленен. Оваа разлика во пристапот кон здравјето дополнително ги објаснува разликите во резултатите помеѓу двете групи мажи.
Д-р Ленен нагласил дека здравствените системи треба подобро да ги разберат причините зошто некои мажи избегнуваат скрининг со цел да развијат програми кои поттикнуваат информирано учество. Тој вели дека подобрувањето на стапките на одзив може да игра клучна улога во успехот на националните програми за скрининг на рак на простата.