Во нов експеримент е докажано дека кучињата разликуваат зборови

Точка

25/03/2024

13:16

12.600

Големина на фонт

а а а

Многу истражувања докажале дека кучињата го обработуваат човековиот јазик како и самите луѓе – ги користат двете страни на мозокот за да го толкуваат говорот на телото на оној кој зборува, тонот и контекстот. Тоа значи дека можат да запаметат бројни зборови, вклучувајќи и сопствени имиња и прекари. Еден нов експеримент уште еднаш покажал дека тоа е точно.

Во експериментот учествувал и џуџестиот шнауцер Нидл. На сопствениците одамна им станало јасно дека Нидл не го сака кучето на соседот со име Пума, бидејќи секогаш кога некој ќе го изговорел тој збор, почнувал да беснее. Тоа значи дека зборот „Пума“ го поврзувал со омразеното куче.

Секој знае дека кучињата реагираат на команди, па седнуваат кога ќе им се даде наредбата „седни“. Во истражувањето кое излезе во списанието „Current Biology“ е докажано дека можат и повеќе од тоа, бидејќи зборовите ги поврзуваат со објекти. Со други зборови, знаат дека одредени зборови значат одредени објекти. Кога кучињата ги слушаат тие зборови реагираат на нив, а снимките од мозочните активности укажуваат на тоа дека во своите мозоци активираат одредени претстави.

„Кучињата на зборови не реагираат само на научено однесување“, вели научничката Марина Борос од Одделението за етологија на Универзитетот Еваш Лоранд во Будимпешта, „туку активираат сеќавање на објект кога го слушаат неговото име“. Истражувачите сакале од поблиску да го истражат имплицитното разбирање на името на објектите од страна на кучињата со мерење на мозочните активности, користејќи неинвазивен „EEG“. Во експериментот учествувале 18 кучиња и нивните сопственици.

Ова не е прв пат да е докажано дека кучињата разбираат што зборувате. Погледнете го приложеното видео:

Сопствениците ги изговарале имињата на омилените играчки на своите миленици и веднаш потоа им го покажувале предметот. Понекогаш претставувале соодветна играчка, додека друг пат земале некоја која не се поклопува. Сопственикот на пример би рекол: „Зара, види, топка“ и покажувал предмет, додека мозочната активност на кучето е снимена на „EEG“. Резултатите од снимањето на мозокот покажале поинаков образец кога на кучињата им е прикажан соодветниот објект во однос на несоодветниот. Тоа е слично на тоа што истражувачите го виделе кај луѓето и широко е прифатено како доказ за разбирање на зборовите.

„Не е важно колку имиња на предмети разбира кучето – познатите зборови и онака активираат ментална претстава, што сугерира дека оваа способност генерално е присутна кај сите кучиња, а не само кај некои посебни единки кои знаат имиња на многу објекти“, рекла Борос. Откритието дека кучињата како вид можат генерално да разбираат зборови на референтен начин, исто како и луѓето, би можело да промени како научниците размислуваат за единственоста на начините на кои луѓето го користат и разбираат јазикот. Тоа има важни импликации за теоријата и моделите за еволуцијата на јазикот. За сопственици на кучиња, тоа е исто така важно сознание – внимавајте што зборувате, кучето е присутно.



Спонзорирани линкови

Маркетинг