Дали се одложува објавувањето на најочекуваната игра во историјата?

Точка

25/03/2024

17:05

7.253

Големина на фонт

а а а

Одлуката за враќање на работа во "Rockstar Games" предизвикува загриженост дека "Grand Theft Auto 6" би можела да добие датум на издавање подоцна од очекуваниот.

Во декември, "Rockstar Games" објави дека "GTA 6" ќе биде објавена во 2025-та година, а најавата за самата игра беше значаен онлајн настан. Првиот трејлер од играта постави рекорд на "YouTube" за најмногу прегледи за видео што не е музичко. "Take Two Interactive", матичната компанија на "Rockstar", неодамна објави дека очекува приход од 7 милијарди долари за фискалната 2025-та година. Сепак, вестите дека датумот на објавување на "GTA 6" е далеку во иднината, ја намалија цената на акциите на компанијата за дури 7% во декември.

Сега, "Kotaku" објави дека извори блиски до развојот на играта велат дека нејзиниот развој забавува и дека нејзиното објавување би можело да се одложи за 2026-та година. Веста за можното одложување на играта следи по извештаите за претстојната одлука на "Rockstar" да ги врати вработените во канцеларијата пет дена во неделата, за што "Bloomberg" првпат објави во февруари.

Компанијата планира да побара од вработените кои работат од дома да се вратат во канцеларија почнувајќи од април, потег што ги поттикна шпекулациите дека "Rockstar" доцни со распоредот и се обидува да ја зголеми продуктивноста. Џен Колбе, шефица за издавање во компанијата, всушност им кажала на вработените преку мејл дека "Rockstar" ја донел одлуката поради загриженоста за продуктивноста и безбедноста, пишува "Bloomberg".

Вработените се загрижени

Од безбедносната страна, "Rockstar" се соочи со неколку протекувања на снимки за "GTA 6", вклучително и клипови од играта објавени на "TikTok" непосредно пред објавувањето на трејлерот, а се верува дека протекувањето било предизвикано од дете на вработен. Некои вработени во "Rockstar" изјавија за "Aftermath" дека дознале дека повеќе нема да можат да одговараат на пораките на "Slack" и да користат други алатки за работна комуникација од дома.

Вработените рекле дека се загрижени дека "Rockstar" може да се обиде да започне „тивки отпуштања“ со тоа што ќе ги направи превисоки трошоците за преместување за луѓето кои работат од далечина. „Ако им оневозможите на луѓето ефективно да работат во компанијата, тогаш тие немаат друг избор освен да си заминат“, вели еден вработен.

„Тивко отпуштање“ е кога шефовите прават потези кои, намерно или не, ја прават работата помалку привлечна, што го поттикнува работникот да си замине. Знаците на „тивко отпуштање“ може да вклучуваат менаџери кои не успеваат да обезбедат јасни очекувања, повратни информации, поддршка, развој на кариера и признание за вработените, оставајќи ги да се чувствуваат запоставено, велат експертите.

Извори блиски до играта за "Kotaku" изјавија дека "Rockstar" сè уште го „насочува“ датумот на издавање на "GTA 6" во пролет 2025 година, но поверојатно е тоа да се случи подоцна во годината, а и објавување во 2026-та година може да биде „резервен план“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг