Човек без средно образование ја победи ФИФА: Му го украле изумот, му се „насмевнува“ отштета од 37 милиони евра

Супермен

16/05/2024

23:16

29.177

Големина на фонт

а а а

Меѓународната фудбалска асоцијација ФИФА ќе мора да му исплати на Бразилецот Хајне Алемањ парична отштета во засега непознат износ, а станува збор за човекот кој го измислил спрејот што го користат судиите ширум светот при изведувањето слободни удари.

Бразилскиот врховен суд во вторникот ја отфрли жалбата на ФИФА и им наложи да му платат отштета на Алемањ и неговата компанија за непрописна употреба на неговиот изум.

Во 2000 година, Алемањ измислил спреј со кој судиите ја означуваат позицијата за слободен удар и живиот ѕид. Спрејот го користи јужноамериканската фудбалска конфедерација КОНМЕБОЛ од 2009 година, а ФИФА првпат го употреби на Светското првенство во Бразил во 2014 година.

Алемањ ја обвини ФИФА за злоупотреба на патентиран производ и од нив побара отштета од 37 милиони евра, а сè уште не се знае колку пари ќе добие.

Според зборовите на бизнисменот од Минас Жераис, ФИФА му ја ветила оваа сума за да ги добие авторските права на спрејот. Но, после тоа го пуштиле спрејот во употреба без согласност од Алемањ, по што тој ги тужел уште во 2017 година.

„Ја победив ФИФА во секој поглед. Ова е приказна за Давид и Голијат. ФИФА е гигант, тоа беше 23-годишна битка. Многу сум горд. Испишавме историја во светскиот фудбал“, вели Бразилецот.


Кој е Хајне Алемањ?

Роден во Итуиутаба, град со нешто повеќе од 100 илјади жители, Хајне Алемањ Виларињо Диас потекнува од семејство со скромно потекло.

Без завршено средно училиште, тој работел неколку работи пред да се етаблира како огласувач и пронаоѓач.

„Бев доставувач, продавав весници на улица, делев памфлети. Потоа отидов во сметководство, па во печатница... Основав и компанија, бев бизнисмен, работев на телевизија, во рекламна агенција. Денес себеси се сметам за огласувач“, изјавил Алемањ за „Globo“.


Освен маркетингот, фудбалот отсекогаш бил уште една од страстите на Хајне, поради што дошол на идеја да создаде нешто посебно.

„Самиот изум на спрејот се случи кога имав големи финансиски тешкотии. Работев на неколку места и мислев дека морам да ја променам судбината, да бидам дел од нешто посебно“, објаснил тој, додавајќи дека дошол до идеја за спрејот додека гледал натпревар на телевизија.

Сега кога правдата е задоволена, Хајне планира конечно да ужива со своето семејство и да продолжи со нови проекти, како што е новиот тип на електромотор што веќе го развива.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk