Народот Цимане кој живее во шумите на Боливија има најздраво срце, тврдат истражувачите. Според студијата објавена во „Lancet“, кај нив нема затнати артерии, дури ни во длабока старост.
„Тоа е неверојатна популација со радикално различни начини на исхрана и живот“, велат истражувачите, пренесува „BBC“.
Иако остатокот од светот не може да живее како овој народ, постојат лекции кои можеме да ги ископираме.
Народот Цимане има околу 16.000 припадници кои ловат, фаќаат риба и одгледуваат на реката Маники во амазонската прашума, во боливиските низини. Нивниот начин на живот има сличности со човечката цивилизација пред неколку илјади години.
17 отсто од нивната исхрана ја сочинува дивеч (диви свињи, тапири и капибари), а 7 отсто се слатководни риби (пирани и сомови). Остатокот од исхраната се базира на ориз, пченка, корен од маниока, банани и јаткасти плодови.
Тоа значи дека 72 отсто од калориите доаѓаат од јаглехидрати, 14 отсто од масти, а исто толку од протеини.
Припадниците на овој народ се физички активни. Мажите прават просечно 17.000 чекори дневно, а жените 16.000. Дури и луѓето над 60 години прават повеќе од 15.000 чекори дневно.
„Би рекол дека треба да следиме холистички пристап кон вежбањето: возење велосипед до работа, качување по скали... За да останеме здрави, треба да направиме повеќе отколку што правиме моментално“, вели за „BBC“ Мајкл Гурвен, професор по антропологија на Калифорнискиот универзитет во Санта Барбара.
Д-р Гевин Сандеркок, професор по клиничка физиологија на Универзитетот во Есекс, вели: „Ова е одлична студија со уникатни наоди. Овој народ добива 72 отсто од својата енергија од јаглехидрати. Фактот дека тие имаат најдобро кардиоваскуларно здравје е целосна спротивност на бројните сугестии дека јаглехидратите се нездрави“.
„Едноставно кажано, здравата исхрана со низок удел на заситени масти и богата со непреработени производи, непушењето и активниот живот се поврзани со најмал ризик од блокада на крвните садови“, додава професорот Навид Сатар од Универзитетот во Глазгов.