[ФОТО] Која е сопругата на Рафаел Надал: Двајцата се заедно 19 години, а деталите за неа не се толку познати

Точка

11/10/2024

17:01

4.136

Големина на фонт

а а а

Шпанскиот тенисер, Рафаел Надал (38) вчера објави дека става крај на својата тениска кариера. Меѓутоа, и покрај тоа што тој е едниот од најпознатите и најуспешните светски тенисери, многу малку детали се познати за неговата сопруга Марија Франциска Перело, со која има двогодишен син.


Парот беше во љубовна врска 14 години пред нивната венчавка во октомври 2019 година. Во јуни 2022 година, Надал на конференција за печат потврди дека е во исчекување на своето прво дете. Притоа, тениската ѕвезда исто така им објасни на новинарите зошто одбегнува да разговара за својот приватен живот. „Веќе доволно сум изложен во својот професионален живот“, изјави Надал.

Потекнува од родниот град на Надал

Исто како и нејзиниот сопруг, Перело потекнува од Мајорка, најголемиот балеарски остров во Шпанија.


Според нејзиниот „LinkedIn“ профил, таа образованието го стекнала на универзитетот на Балеарските острови од 2006 до 2010 година и се здобила со диплома за бизнис менаџмент. Подоцна завршила и постдипломски студии на престижниот институт „ESADE“.

Веридба во Италија

По 14 годишна љубовна врска, Перело и Надал направија веридба додека беа на романтичен одмор во Рим.


Перело се омажи за Надал во нивниот роден град во Мајорка. На венчавката таа беше облечена во фустан со долги ракави на дизајнерката Роса Клара од Барселона, која беше споделен на социјалните мрежи на дизајнерката.

„Ќе станам татко“

„Доколку сè биде во ред, ќе станам татко“, изјави Надал на конференцијата за печат во Мајорка, во 2022 година. „Не знам што ќе се смени во мојот живот бидејќи немам искуство, но мислам дека тоа ќе го смени мојот професионален живот“, додаде Надал.


Перело не зборуваше јавно околу својата бременост. Тениската ѕвезда порано во разговор за „Hello!“ зборуваше за својата желба да има деца: „Секако, имам намера да основам семејство. Ги сакам децата и би сакал моите деца да го прават она што тие го сакаат“. На осми октомври 2022 парот го доби своето прво дете, Перело роди момче во Мајорка. Раѓањето се случи само две недели по емотивниот, последен натпревар на Рафаел Надал со неговиот долгогодишен ривал и пријател Роџер Федерер.


Работи во фондацијата на Надал

Перело работи во фондацијата „Рафа Надал“ од април 2012 година. Првобитно работеше како проект – менаџер, а потоа напредуваше до позицијата извршен директор во ноември 2019 година.


Фондацијата е активна во Шпанија и Индија, и има за цел да им помогне на децата да ја доживеат „трансформативната моќ на спортот и образованието“. Фондацијата ја основаа Надал и неговата мајка уште во 2008 година.

Присуствуваше на натпреварите на Надал

Перело повеќе пати беше фотографирана поддржувајќи го сопругот во текот на неговите натпревари ширум светот. Меѓутоа, во текот на интервјуто за „The Telegraph“ во 2011 година, Перело зборуваше за тоа зошто почесто одбира да остане дома отколку да патува на натпреварувањата со Надал.


„Нему му е потребен простор додека се натпреварува, а самата помисла дека се „врткам“ околу него постојано прилагодувајќи му се, ме изморува. Тоа би ме задушувало, а потоа и тој би морал да се грижи за мене. Не, доколку го следам насекаде, мислам дека постои ризик дека ќе престанеме да бидеме во добри односи“, изјави тогаш Перело.


Во 2020 година, таа го имаше својот трет, јавен настап на Австралијан Опен, каде Надал ја освои титулата по петчасовниот натпревар, а исто така присуствуваше и на натпреварот на Вимблдон во 2022 година, кога Надал го победи Тејлор Фриц во четвртфиналето.