Започнал како келнер, а денес се вбројува помеѓу 10-те најбогати луѓе на светот

Точка

22/10/2024

17:04

12.861

Големина на фонт

а а а

Извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг, во понеделникот се најде на помеѓу десетте најбогати луѓе во светот на листата на милијардери на Форбс. Ова е првпат овој поранешен келнер, кој стана можеби најпрепознатливото име во светот на генеративната вештачка интелигенција да стане дел од оваа ексклузивна листа.

Богатството на Хуанг се зголеми за 3,6 милијарди долари до затворањето на берзите и се искачи на вкупно 124,1 милијарди долари, надминувајќи го поранешниот извршен директор на Мајкрософт, Стив Балмер (122,5 милијарди долари), пренесува „Forbes“. Балмер на тој начин падна на 11-тото место на листата најбогати луѓе во светот.


Зголемувањето на богатството на Хуанг беше резултат на растот на акциите на „Nvidia“ за 4,1 отсто до рекордно високо ниво од речиси 144 долари. Тој поседува околу 3,5 отсто од „Nvidia“, а токму овој удел го сочинува речиси целото негово богатство.

Тој се наоѓа на чело на компанијата од нејзиното основање во 1993 година и е убедливо најголемиот поединечен акционер, дури и откако летово ги продаде акциите во вредност од 713 милиони долари. Милијардери се и Тенч Кокс, Харви Џонс и Марк Стивенс, триото коешто се наоѓа во управниот одбор на компанијата, исто така од нејзиното основање. „Nvidia“ е водечки производител на приспособена технологија за вештачка интелигенција потребна за апликациите за вештачка интелигенција на кои работат големите технолошки компании како „Amazon“, „Google“, „Meta“, „Microsoft“ и „Tesla“.


Компанијата со седиште во Санта Клара има околу 80 отсто удел на растечкиот пазар на акцелератори за вештачка интелигенција, според неодамнешното истражување на „Bank of America“.

Претходно, „Nvidia“ беше позната во светот на видеоигрите, а нејзините чипови станаа „жешка роба“ по експлозијата на развојот на големи јазични модели. Како резултат на тоа, Хуанг рече дека побарувачката е „толку луда“ што купувачите стануваат „многу емотивни“.


Пред само две години Хуанг имаше богатство од „само“ 20,6 милијарди долари, што значи дека од 2022 година до денес станал дури шест пати побогат. Таа „луда“ побарувачка за технологијата на „Nvidia“ предизвика неверојатен раст на цените на акциите и финансискиот успех на компанијата – во последните две години цената на акциите на „Nvidia“ се зголеми за над 1.000 проценти, а проекциите покажуваат дека нивниот профитот за оваа фискална година ќе биде 1.400 проценти повисок во однос на периодот до јануари 2023 година.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk