Озлогласениот рапер Шон Диди Комбс заврши во притвор пред нешто повеќе од еден месец, а судијата сега го отфрли барањето за наредба да им се забрани на владините претставници да објавуваат информации поврзани со неговиот случај до медиумите.
Во петокот, судијата Арун Сабраманиан го одби барањето на раперот, но прифати наредба слична на онаа поднесена од адвокатскиот тим на Диди.
Тоа е наредба која инсистира на тоа дека федералните агенти, истражителите и тимот на раперот мора да ги следат законите кои им забрануваат да објавуваат информации за постапките на поротата во јавноста што би можеле да влијаат на фер судење, пишува Page Six.
„Да бидам јасен, оваа наредба не се заснова на фактот дека до денес немало никакви прекршувања, имајќи предвид дека судот допрва треба да најде нешто поврзано со наводите на обвинетиот дека во јавноста протекоа информации поврзани со случајот. Целта на оваа наредба е отсега да не се случи ништо што би можело да го наруши правичното судење. Судот ќе преземе соодветни мерки за секое прекршување на правилата“, рече судијата.
Адвокатскиот тим на Комбс одби да ги коментира новите наредби на судијата.
Судијата ја прифати новата наредба откако адвокатите на П. изјавија дека агентите го објавиле видеото снимено во хотелот на Си-Ен-Ен со цел да ја уништат репутацијата на Комбс.
„Наместо видеото да се користи како доказ пред судот, заедно со други докази што му даваат контекст и значење, агентите го злоупотребиле на најштетен можен начин“, рекоа тие претходно. Федералните агенти негираа дека имаат некаква врска со видеото што е објавено. „Владата не ги поседуваше снимките пред да бидат објавени на Си-Ен-Ен“, велат тие.
Раперот моментално се наоѓа во притвор во Њујорк, каде го чека судењето закажано за почетокот на мај следната година. Тој се товари за рекетирање, трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација и кривични дела поврзани со проституција.