Зошто доаѓа до пукање на вените? Кои животни навики го зголемуваат ризикот од негова појава и како да се спречи овој проблем

Точка

07/11/2024

16:53

4.054

Големина на фонт

а а а

Пукањето на вените на нозете може да биде резултат на различни фактори, а најчесто се поврзани со ослабената структура на вените. Српскиот лекар Дарио Јоциќ, открива дали оваа појава може да укажува на некои посериозни здравствени проблеми и што може да се направи за да се превенира нејзиното појавување.


Тоа може да биде последица на наследни фактори, што значи дека доколку некој во семејството има проблеми со вените, постои поголема веројатност дека и таа личност ќе има слични проблеми. Исто така, со стареењето се намалува еластичноста на крвните садови, што дополнително придонесува кон оштетувањето на вените. Хормоналните промени, како што се оние за време на бременоста или менопаузата, можат да го зголемат притисокот во вените, што може да доведе до нивно пукање. Конечно, долготрајното стоење или седење, особено во иста положба, создава дополнителен притисок врз вените, што може да ги ослаби нивните ѕидови и да доведе до нивно пукање.

Нездравите животни навики ги зголемуваат шансите за појава на проблеми со вените

Нездравите животни навики исто така играат значајна улога во зголемувањето на ризикот од појава на проблеми со вените, додека други, за кои често се верува дека влијаат, всушност не се толку значајни за појавата на на овој проблем.


„Докажано е дека некои лоши навики, како што се прекрстување на нозете или носењето на високи потпетици, немаат никакво влијание врз венските болести. Од друга страна, дебелината – прекумерната телесна тежина ги изложува крвните садови на дополнителен притисок, што може да доведе до слабеење и евентуално пукање на вените. Пушењето и лошата исхрана исто така имаат негативно влијание врз вените, бидејќи ја намалуваат циркулацијата и еластичноста на крвните садови. Редовната физичка активност, здравата исхрана и одржувањето на оптимална телесна тежина се клучни за зачувување на здравите вени и намалување на ризикот од нивно пукање“ вели д-р Јоциќ.


Меѓутоа понекогаш пукањето на вените може да биде знак за посериозни проблеми во телото.

„На пример, доколку пациентот има заболување на црниот дроб, срцето или бубрезите, тоа може да предизвика задржување на течности во телото и дополнителен притисок врз крвните садови. Овие состојби можат да предизвикаат отекување на нозете и слабеење на вените, што го зголемува ризикот од нивнот пукање. Исто така, луѓето кои имаат проблеми со згрутчувањето на крвта можат да имаат поголема тенденција за пукање на вените, бидејќи крвта во овие случаи полесно продира низ ослабените ѕидови на крвните садови. Во овие ситуации, пукањето на вените може да укажува на потреба од дополнително медицинско испитување и третман на основниот проблем.

Како правилно да се реагира во случај на пукање на вената?

Кога ќе пукне вената, примарна цел е да се запре крвавењето и да се намали отокот.

„На почетокот, пациентот треба да ја крене ногата и да го притисне местото на повредата за да го запре протокот на крвта. Потоа се нанесуваат ладни облоги за да се намали воспалението. Во случај на поголема повреда, лекарот може да препорача специјални еластични завои или компресивни чорапи кои ќе помогнат да се стабилизираат крвните садови. Пациентот треба да избегнува физички напор во наредниот период, а доколку повредата се повтори, или вената честопати пука, можеби е потребна интервенција. Во ретки случаи, кога постои сериозна повреда или вените се хронично оштетени, се препорачува и хируршка интервенција“ објаснува лекарот.


Превенцијата на пукањето на вените првенствено се потпира врз практикување на здрави животни навики.


„Редовната физичка активност, како што се пешачењето, пливањето или полесните вежби, помагаат во одржувањето на здрава циркулација и зајакнувањето на мускулите кои ги поддржуваат вените. Исто така, важно е да се избегнува долгото стоење или седење, а доколку тоа не е можно, потребно е да се прават паузи и истегнувања. Одржувањето здрава телесна тежина и избегнувањето на цигарите и алкохолот дополнително го намалуваат ризикот. Во некои случаи, особено кај луѓе кои имаат зголемен ризик од проширени вени, се препорачува носење на компресивни чорапи како превентивна мерка. На крајот, пресудни се редовните лекарски контроли, бидејќи раното откривање на проблемот може да ги спречи компликациите“, порачува лекарот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг