Која е жената за која е загрижена европската автомобилска индустрија?

Точка

02/12/2024

23:03

3.336

Големина на фонт

а а а

Тарифите за кинеските електрични возила очигледно нема да го спречат најголемиот кинески производител "BYD" да се прошири на европските пазари. Оваа експанзија ја предводи извршната потпретседателка на "BYD", Стела Ли, која стана една од најистакнатите директорки во автомобилската индустрија за речиси тридецениското работење во таа компанија, пишува "Forbes Slovenia".

Дипломката по статистика не е загрижена за податоците за продажбата на електрични возила кои укажуваат на забавување на светската побарувачка, сметајќи дека тоа е само привремена стагнација. На крајот на минатата година кинескиот гигант го надмина "Tesla" за прв пат по квартална глобална продажба.

„Нашиот план за целосна електрификација на автомобилската индустрија препорачува чекор-по-чекор пристап: воведување на електрични возила во јавниот транспорт, потоа специјализирани возила и на крајот транзиција кон патнички автомобили. Ова е докажана стратегија на "BYD" за промовирање електрични возила во изминатите децении“, рече Ли во интервју за магазинот „Time“.

Ли, која го предводи американскиот огранок на "BYD", минатата година беше вклучена во листата на 100 највлијателни лидери во борбата против климатските промени (Time 100 Climate). Во 2021 година, кинескиот Форбс ја рангираше меѓу највлијателните жени.

Ги отвори првите филијали на "BYD" во странство

Ли дипломирала на кинескиот универзитет Фудан во Шангај со диплома по статистика во 1992 година. Во 1996 година, таа се приклучила на "BYD", тогаш помалку од две години стар производител на батерии во Шенжен, како маркетинг-менаџер за глобалните пазари. Една година подоцна, таа отвори филијала на "BYD" во Хонгконг, која таа година беше префрлена од британско на кинеско управување. Во 1999 година беше отворена европска канцеларија во Ротердам, а првата американска филијала беше основана во Чикаго во 2000 година.

"BYD" започна со производство на автомобили дури во 2003 година, кога основачот Ванг Чуанфу го основа "BYD Auto" со купување на кинескиот производител на автомобили. Таа подружница генерирала повеќе од 80 отсто од вкупниот приход на матичната компанија минатата година, а во март 2022 година, производството на возила со мотори со внатрешно согорување беше прекинато за да се фокусира на електрични возила со батерии (BEV).

Ли е одговорна за проширување на брендот "BYD" на пазарите во Северна и Јужна Америка. Во 2011 година, таа стана генерален менаџер на американската филијала на "BYD Americas" и го основа новото седиште на компанијата во Лос Анџелес. Две години подоцна, под нејзино раководство, компанијата отвори фабрика за електрични автобуси, камиони и батерии во градот Ланкастер, Калифорнија, која вработува околу 500 работници.

За помалку од десет години, подружницата стана најголемиот производител на електрични автобуси во САД.


Фабрика во Европа

Во Европа, исто така, бизнисот на "BYD" расте откако Ли помогна да се формира првото странско седиште на производителот на батерии во тоа време. Во последните години, по освојувањето на домашниот пазар на електрични автомобили, "BYD" се фокусираше на извозот, вклучително и Европа, каде што е присутна од октомври 2022 година. На европскиот пазар, покрај автомобили, компанијата нуди и автобуси, камиони и вилушкари.

На крајот на минатата година компанијата најави изградба на фабрика за електрични автомобили во градот Сегед на југот на Унгарија, во близина на границата со Србија. Според Ли, производството на автомобили во таа фабрика ќе започне до крајот на следната година, а ќе отвори и неколку илјади работни места.

Забавениот раст на побарувачката за електрични возила, делумно поради укинувањето на субвенциите за нивно купување на некои клучни пазари, од Кина до Германија, не ја загрижува Ли.

„Мислам дека сегашниот пад на продажбата на електрични возила со батерии е привремен бидејќи луѓето се збунети, не знаат што да мислат за политичките дебати поврзани со електричните возила и се загрижени за цената. Но, мислам дека компанија која знае она што го прави, како "BYD", ќе испорача врвна технологија“, заклучи Ли.