Скандал со црногорските претставници на Евровизија: Нивното учество на натпреварувањето е под знак прашалник, се соочуваат со дисквалификација

Точка

03/12/2024

12:28

7.708

Големина на фонт

а а а

Откако црногорската група „НеоноеН“ победи на фестивалот „Монтесонг“ со песната „Clickbait“, имаше наводи за можно прекршување на правилата. На организаторите им била доставена снимка од настапот од јуни 2023 година, што укажува дека песната била јавно изведена пред дозволениот рок, што може да ја загрози нивната победа, пренесува „РТЦГ“.

Надзорникот на фестивалот „Монтесонг“ ја потврди автентичноста на спорната снимка, направена за време на фестивалот на културата во Забјело, а го информираше и раководството на Радио-телевизијата на Црна Гора (РТЦГ) и Здружението на естрадни уметници и изведувачи (УЕУИ).

Според правилата на фестивалот, кои се во голема мера усогласени со прописите на Изборот за песна на Евровизија, поднесената композиција не смее да биде јавно изведена пред 1 септември во годината што му претходи на натпреварот. Ова правило обезбедува еднаквост на сите учесници и спречува каква било предност.


Членовите на групата „НеоноеН“ потврдија дека настапиле со песната „Clickbait“ минатата година и изјавија дека не биле запознаени со правилата на натпреварот, според кои песната не смее да биде јавно изведена пред 1 септември 2024 година.

„Не бевме свесни дека јавното изведување на песната пред 1 септември 2024 година е спротивно на правилата на натпреварот. Сметавме дека суштински услов е песната да биде необјавена. Ќе ја почитуваме секоја одлука на организаторите и на ЕБУ“, изјавиле од групата.

Организаторите на фестивалот „Монтесонг“ соопштија дека побарале официјално мислење од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) за да се утврди дали рокерите од Подгорица и покрај снимањето и јавната изведба на песната ги исполнуваат условите за настап на Евровизија 2025. Конечната одлука ќе биде донесена по консултација со ЕБУ.