Понекогаш споровите со клиентите ескалираат на неочекуван начин, но ретко одат толку далеку.
Неверојатен инцидент се случи во салонот на "Mazda" во Сенди, Јута, САД. Фрустриран клиент, налутен поради одбивањето на застапништвото за автомобили да му ги врати парите за половно "Subaru Outback" за кое верувал дека е неисправно, решил да протестира на најпогубниот можен начин.
Инцидентот започнал во понеделникот наутро, кога овој човек купил трета генерација на "Subaru Outback" во застапништвото на "Mazda". Набргу потоа, тврди тој, открил механички проблеми со возилото и се вратил, надевајќи се дека ќе му се вратат парите.
Сепак, според неговите тврдења, салонот го одбил барањето, повикувајќи се на ситуацијата „видено-купено“. Како што пренесува "Fox 13", незадоволниот клиент го предупредил персоналот дека ако не му ги вратат парите, тој ќе го врати автомобилот во застапништвото токму преку влезната врата. Кога трговецот одбил да отстапи, лутиот муштерија ја извршил својата закана.
Видеото брзо стана вирално на социјалните мрежи – возилото удри во зградата на салонот и ја скрши вратата и ја уништи рецепцијата. Неколку моменти подоцна, возачот излегол од автомобилот, пцуејќи го запрепастениот персонал. За среќа при инцидентот нема повредени.
Иако е лесно да се сочувствува со фрустрацијата од купување на проблематичен половен автомобил, но оваа реакција е доста екстремна. Очекувано, вработените во автосалонот веднаш повикале полиција, која пристигнала на местото и го привела возачот кој се соочува со тешки пријави.