Унур Марија има многу професии – таа е туристички водич, но и историчарка, новинарка, циркузантка и професорка во училиште за циркус. Кога ќе ја прашате како е тоа можно, насмеано Ви објаснува дека тоа не е ништо необично со оглед на тоа што Исланд има многу малку жители.
Минатата година Унур Марија за прв пат водеше македонски туристи од групата на туристичката агенција Атлантик Турс, и тогаш се вљуби во македонското знаме.
“Кога ја водев првата македонска група забележав дека сонцето постојано им се насмевнува, а дождот престануваше секогаш кога ќе застаневме да посетиме некоја од знаменитостите во Исланд” ,објаснува Унур Марија. “Тогаш си помислив колку само македонското знаме им одговара, со тоа силно светнато сонце!”. На крајот од тридневното патување Унур Марија си го побара македонското знаме за спомен, за да и` носи малку светлина во долгите исландски ноќи.
Ја прашавме како е да работи со Македонци. “Навистина уживав со македонската група!” вели таа. “Македонците се секогаш добро расположени и многу љубопитни, и имаа многу одлични прашања за Исланд и за луѓето кои живеат тука.”
Според Унур Марија, нема добро или лошо време од годината за да се посети Исланд. “Во зима може да се ужива во поларната светлина, па доколку сте подготвени за снег и кратки денови, тогаш е одлична можност да се искуси зимската бајка во Исланд. Во лето поларната светлина му го отстапува местото на полноќното сонце, тогаш Исланд е обоен во зелено и можете да уживате во природата 24 часа на ден. Така што се` зависи од она што сакате да го доживеете”.
Унур Марија е родена во западниот дел на Исланд каде што има се` што може да се посака: високи планини, вулкански полиња и пештери, глечери, водопади, вулкани, термални бањи, шуми од бреза и црни плажи. Но кога времето е студено а ноќите се долги, Унур Марија се повлекува во Ólafsfjörður, најсеверното населено место во Исланд. Таму се одмара и пишува, и се подготвува за новите групи туристи.
“Навистина уживам кога гледам како моите гости ја искусуваат природата во Исланд, тоа ме направи да си ја сакам земјата уште повеќе. И многу сакам да запознавам луѓе од целиот свет!”.
А една од првите групи што ќе ги води откако ќе заврши долгата студена зима е повторно македонска - веќе во април, кога природата започнува да се буди а поларната светлина се уште може да се набљудува. Заедно со агенцијата Атлантик Турс ќе продолжи да им ја раскажува на туристите приказната за Исланд.