Мохамед Алабар, бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати и сопственик на бројни недвижности во регионот, најави нова голема инвестиција која треба целосно да промени одредени делови од Будимпешта.
Имено, групацијата „Eagle Hills“, зад која стои Алабар, склучи договор со Унгарија за купопродажба на недвижен имот и подготовка на проект наречен „Grand Budapest“.
„Инспириран од богатото културно наследство на Будимпешта, развојот има за цел да ја почитува традицијата на градот притоа воведувајќи модерни елементи кои дополнително го подобруваат карактерот на градот. Планираниот развој на површина од 100 хектари ќе создаде 35-40 хектари паркови и „енергични“ јавни простори. Овој развој не само што ќе го обнови заборавениот историски дел на Будимпешта, туку ќе го направи и глобален репер за човековата благосостојба, одржливост и урбан живот“, соопштија од компанијата.
Како што истакнаа, за овој проект ја добиле поддршката од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
„Со развојни трошоци од над 12 милијарди евра, „Grand Budapest“ ја поттикнува унгарската економија обезбедувајќи околу два отсто раст на БДП. Ова ќе создаде илјадници работни места за време на изградбата и работењето, ќе ги поддржи локалните бизниси и ќе ги зголеми вредностите на туризмот и недвижностите. Покрај економските придобивки, овој развој има за цел да го редефинира урбаниот живот со комбинирање на одржливоста и модерниот дизајн за создавање на подобро животно искуство, заедница и животен стил. „Grand Budapest“ не е само развој, туку визија за подобра, попросперитетна Унгарија. Нашата цел е да се создаде наследство што ќе ги инспирира генерациите што доаѓаат“, заклучија тие.
Во врска со овој проект се огласи и унгарското Министерство за економија кое рече дека парите ќе пристигнат во државната каса на три рати, најдоцна до 13 март 2039 година.
„Последната рата се плаќа кога државата ќе ја комплетира целата инфраструктура во оваа област. Тоа вклучува уредување на железничката пруга, проширување на метрото, покривање на железничката пруга за да може да се изгради парк над неа, изградба на надвозник – доколку сето тоа го направи државата, тогаш инвеститорот ќе го плати ова во одреден момент, најдоцна до пролетта 2039 година“, пишуваат унгарските медиуми.
Исто така, според проектот и договорот, инвеститорот ќе може да изгради објекти високи 250, па дури и 500 метри во некои делови. За споредба, највисоката деловна зграда во Унгарија, поточно „MOL Campus“, е висока 143 метри.