Бенжаман Менди беше ослободен од сите обвиненија за силување кои ги имаше во Англија и беше пуштен на слобода, па иако успеа да си го исчисти лицето пред законодавните тела во Британија, неговата фудбалска кариера дефинитивно доживеа еден вртоглав пад.
Поранешниот француски репрезентативец започна и правна битка откако го напушти Манчестер Сити и си побара отштета за нарушен углед и неисплатени плати, па откако судот донесе одлука во негова корист, англискиот првак пред три месеци беше обврзан да му исплати 11 милиони евра.
Искусниот лев бек си ја наполни сметката во ситуација кога доживуваше тешки моменти и на фудбалски план во Лориен, но сега успеа да ги реши истите такашто си пронајде нова фудбалска средина.
Менди стави потпис на договор со Цирих и во иднина ќе ги брани боите на швајцарскиот клуб, кој реши да му даде шанса на 30-годишниот дефанзивец.
Ова ќе биде шести клуб за Менди во кариерата по Ле Авр, Марсеј, Монако, Манчестер Сити и Лориен, па останува да видиме дали ќе успее во вториот обид да си ја врати кариерата на вистински пат.